Ова е енергетска ефикасност, инвертерите не трошат многу струја, аргументот држи дека се евтини и поефикасно да се грее домот од другите елементи и ќе продолжиме со истото, вели министерот за животна средина во дебатната емисија на „360 степени“
Инвертер клима- уредите не трошат многу струја и се поефтини од други грејни тела, вели министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Во вечерашната дебатна емисија на „360 степени“ на ТВ Алсат, Нуредини одговара на прашањето дали бил консултиран за воведувањето на новите блок тарифи за сметките за струја, откако државата и општините со години ги поттикнуваа граѓаните да се греат на инвертер клими.
„Апсолутно е дискутирано ова, ги разгледавме бројките, колку куќи ќе бидат во блоковите, каде блоковите ќе ги дефинира регулаторот. Но, ова е енергетска ефикасност, инвертерите не трошат многу струја, аргументот држи дека се евтини и поефикасно да се грее домот од другите елементи и ќе продолжиме со истото. Ние внимававме да не се зголеми цената на основната база на граѓаните и ова е аргументот на регулаторот,“
вели Нуредини.

Министерот рече дека државата има стратегија за намалување на употребата воопшто на енергијата и за менување на начинот на греење. Тој потенцираше дека во земјава не загадуваат само домовите, туку и државни и општински објекти.
„Секогаш велиме дека треба да се најде начин како да го намалиме загадувањето на воздухот во нашите градови. Последните години имавме подобрување секоја година, но за жал нема брзо решение, треба да се инвестира во енергетска ефикасност на домовите, изолацијата, разни видови греење. Истовремено ова се инвестиции, ова е капитална инвестиција што треба на почеток да ја прави граѓанинот, но сумите не се ниски“,
рече тој.

Нуредини потенцираше дека државата го субвенционира овој процес.
„Ќе продолжиме во оваа насока, секогаш сме зборувале за промена на начинот на греењето, една од нив е и гасификационата мрежа, работиме интензивно и тоа ќе биде голема промена“,
смета Нуредини.