Шефот на дипломатијата упати и апел до опозицијата да не ги користи овие прашања за партиски интереси, туку да се вклучи во овој процес на тој начин што ќе ги побара од него сите информации во однос на преговарачката рамка
Мислам дека луѓето од опозицијата се обидуваат да создадат атмосфера пред протестот, за да вовлечат некој човек повеќе, мислам дека досега не се покажаа кредибилни нивните ставови и извори, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Изјавата на шефот на дипломатијата доаѓа откако пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на Фејсбук објави дел од предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија каде што тврди дека има влошување на позициите за земјава.
Според објавата на Милошоски, предлогот значи дека Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија, заедно со записниците од историската комисија, влегуваат во преговарачката рамка, а на земјава ѝ се поставува и услов да го отвори Уставот за вметнување на Бугарите доколку сака да се одржи првата меѓувладина конференција.
Меѓутоа, Османи не сакаше да коментира околу тоа и рече дека она што може да го каже е оти во тек е процесот на консултации со сите земји членки, кои треба да го разгледаат предлогот на француското претседателство и потоа да дадат свои забелешки доколку ги имаат. Истото, како што рече, ќе може да го направи и Северна Македонија, откако ќе заврши овој процес.
„Она што јас можам да кажам е дека е започнат процесот на консултации помеѓу земјите членки, за да може да стигне до нас, за и ние да дадеме наши забелешки доколку ги има. Процесот е тој, француското претседателство дава предлози што ги дистрибуира до секоја земја членка, секој ќе даде забелешки, како и Бугарија. Сите сме сведоци каква е атмосферата во Бугарија, затоа јас не би влегувал во коментари на различните предлози бидејќи сметам дека е прво важно да ги слушнеме ставовите на сите земји членки, а отпосле ќе ги кажеме нашите ставови“,
посочи Османи.
Тој упати и апел до опозицијата да не ги користат овие прашања за партиски интереси туку да се вклучи во овој процес на тој начин што ќе ги побара од него сите информации во однос на преговарачката рамка.
„Овие обиди на опозицијата да го стави овој важен и сензитивен процес на државата во функција на партиските активности утре или задутре е несериозно. Тоа што може опозицијата да го направи во интерес на државата и граѓаните е да ни се обрати, да комуницира, да понуди помош, а ние ќе ги споделиме сите информации кои ги имаме со нив, затоа што сметаме дека ова прашање ги надминува рамките на едни политички партии туку ги засега сите граѓани. Значи тоа е мојата порака до нив, да не се обидат ова прашање да го стават во функција на партиските митинзи, туку да ни се обратат. Го имаат мојот телефон, ќе ги споделам сите прашања со нив што ги имам“,
нагласи Османи.
