Во наредниот период, како што додаваат од Министерството за правда, министерот Никола Тупанчески ќе ги посети затворите со цел лично да се запознае со состојбите, а комуникацијата со директорите на затворите ќе се интензивира во насока на создавање подобри услови за осудените лица и спречување на девијантните појави
Средбата на Тупанчески со директорите на затворите следува откако пред неколку дена во претрес во затворот „Идризово“ беа пронајдени дрога, оружје и други забранети предмети, а во таа насока министерот кажа оти никој нема да биде поштеден од одговорност

Во Министерството за правда, денеска ресорниот министер Никола Тупанчески оствари средба со сите директори на затворите, а на неа присуствуваше и директорот на Управата за извршување на санкции Марјан Спасовски.
Како што што информираат од Министерството, на состанокот министерот Тупанчески поединечно бил информиран од секој директор за актуелната состојба во казнено поправните установи.
„Констатирано е дека најголеми проблеми во затворите се преоптовареност, немање соодветна здравствена заштита за осудените лица, недостаток на соодветен кадар. Договорено е веднаш да се отпочне со решавање на наталожените проблеми кои со години се провлекуваат. Ќе се интервенира и во Законот за извршување на санкции со цел да се подобрат условите на вработените во затворите“,
се додава во соопштението од Министерството.
Во наредниот период, како што додаваат од Министерството, Тупанчески ќе ги посети затворите со цел лично да се запознае со состојбите, а комуникацијата со директорите на затворите ќе се интензивира во насока на создавање подобри услови за осудените лица и спречување на девијантните појави.
Средбата на министерот за правда со директорите на затворите следува откако пред неколку дена во претрес во затворот „Идризово“ беа пронајдени дрога, оружје и други забранети предмети.
Од МВР тогаш посочија дека по наредба на судија на претходна постапка се извршени претреси во вкупно 25 ќелии во различни одделенија во затворот „Идризово“, по што биле пронајдени поголема сума пари од законски дозволениот минимум, 50-ина мобилни телефони, компјутерска галантерија, 37 ножа и повеќе други остри предмети, дрога во прашкаста, течна состојба, таблетки и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со кривични дела.
По акцијата во затворот „Идризово“, министерот за правда, Никола Тупанчески изјави оти никој нема да биде поштеден од одговорност, а дека координирани акции во казнено-поправните установи ќе има и во наредниот период и секое именувано лице ќе сноси одговорност доколку стори кривично дело за злоупотреба на службената положба.