Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред почетокот на денешните разговори со претседателот Реџеп Таип Ердоган во Брисел, изјави дека Турција мора да ги оддалечи бегалците и мигрантите од грчката граница, јавија британските медиуми.
„Доколку се најде решение за оваа ситуација ќе биде олеснување за притисокот што сега е врз границата“,
рече Фон дер Лајен на прес-конференција.
Таа додаде дека е потребно веднаш да се обезбеди правото на азил, поддршка и за Турција и за Грција, како и придвижување на луѓето – особено малолетни лица, кои се заробени на грчките острови.
Денеска попладне Ердоган ќе има средби во Брисел со претседателите на Европскиот совет и на Комисијата, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен.
ЕУ во неколку наврати ја повикуваше Турција да го почитува договорот за мигрантите потпишан во 2016 година и да запре нов бран бегалци кои пристигнуваат непречено на надворешните граници на ЕУ преку Турција во последните неколку дена.
Брисел ја предупреди Анкара да не ги користи мигрантите како „инструмент на притисок за дополнителна поддршка“ и истакна дека ЕУ нема да дозволи да биде уценета.
Еврокомесарот за буџет Јоханес Хан денеска во интервју за виенски „Стандард“ рече дека отворањето на границите за мигрантите и бегалците кон Европската Унија е маневар на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за свртување на вниманието од внатрешно-политичките проблеми.
Грчките медиуми денеска објавија дека во изминатите 24 часа, од вчера во шест часот наутро до шест часот утринава, според грчки владини извори, кај Еврос бил спречен нелегален влез во Грција на 1.646 мигранти и биле уапсени две лица.
Ситуацијата на грчко-турската граница кај Еврос, во текот на ноќта и рано утрово е мирна, без инциденти.