Ако пратениците не го усвојат амандманот поднесен од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за усогласување на платите во јавниот сектор за 2 806 денари, како што велат оттаму, тогаш пратениците ќе имаат удел за генералниот штрајк на 22 јуни што го најави ССМ, доколку до 21 овој месец не биде исполнето нивното барање
На комисиската расправа за ребаланс на Буџетот пратениците треба времето да го трошат за утврдување на ставките преку кои сите работници од јавниот сектор од 1 јули годинава ќе го добијат усогласувањето на платите со порастот на минималната плата од 2 806 денари, велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Во спротивно, доколку не биде усвоен амандманот поднесен од ССМ, како што додаваат оттаму, пратениците ќе имаат удел за штрајкот на 22 јуни што го најави Сојузот на синдикати.
„Гласајте го амандманот на ССМ за усогласување на платите за 2 806 денари во јавниот сектор предложен од ВМРО-ДПМНЕ и не ја користете расправата за ребалансот за дополнително да ги уназадувате работничките права преку укинување на недела неработен ден во туристичките места, а тоа значи насекаде“,
порачуваат од ССМ и велат дека амандманот треба да биде изгласан ден побрзо од сите пратеници.
На собраниската Комисија за финансирање и буџет неделава почна расправата за ребалансот на Буџетот за 2022 година. Во текот на расправата треба да се разгледаат и над 200 амандмани меѓу кои и амандманот на ССМ, поднесен преку пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, за кој велат дека е поднесен поради дополнителното зголемување на цените на електричната енергија, нафтените деривати и новите ценовни шокови.
