Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска соопшти дека се стопираат сите градежни дејствија на деталниот урбанистички план Ј07, кој ги опфаќа и атрактивните парцели на Водно до кои нема пристапен пат, а за кои жителите од тој дел на населбата долго време реагираат на обиди за градежен упад во шумата.
„Со оваа одлука на денешната седница практично се стопираат сите градежни дејствија со што ниту едно дрво во тој потег од парк шумата Водно нема да биде исечено и таа ќе остане недопрена и заштитена од предвидените градежни активности“,
изјави Герасимовски, откако побара дополнување на дневниот ред на денешната седница на Советот на Општина Центар со точка за стопирање на градежните дејствија на ДУП Ј07 и доби поддршка.
Герасимовски појасни дека стопирањето се однесува на дел од ДУП Ј07 – Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, во кој припаѓа и градежната парцела на инвеститорот „Маркеза“ ДООЕЛ кој има одобрение на градба. Покрај ова, стопирани се градежните дејствија за 7 други плацеви за потенцијална градба на тој потег.
„Маркеза“ до Општината поднесе барање за изградба на пристапен пат до парцелите во должина од околу 130 метри поради што требаше да се сечат и дрвја. Но, геодет од Општина Центар на терен утврдил дека нагибот на просторот каде треба да биде изведен патот е далеку поголем од законски пропишаниот, што значи дека нема услов за градење на пристапен пат согласно актуелиот закон. Според ова, во овој момент Општина Центар ги прекинува сите постапки за овој дел од планот.
„Повикувајќи се на извештајот од Секторот за уредување на градежно земјиште, според кој е утврдено отстапување од наклонот, јас како градоначалник, нема да издавам одобренија за градење за овој простор и овие 8 парцели. Со ова се заштитува зелениот појас на Водно но и се почитуваат законските прописи. Јас неколкупати досега повторив дека нема да дозволам никакви отстапки од предвидените нормативи и стојам на зборот. Водно ќе остане какво што е и на овој потег и ниту едно дрво нема да биде исечено“,
кажа Герасимовски.
Жители на Водно преку жестоки јавни реакции, но и преку адвокат, долго време ѝ укажуваа на Општина Центар да ја поништи првата градежната дозвола на тој потег што на фирмата „Маркеза“ ѝ ја потпиша екс градоначалникот Саша Богдановиќ, водејќи се од деталниот урбанистички план донесен во 2014 г. со спорно мнозинство и со низа контрадикторности.
Во низата аргументи, водњанци сега се обидуваат да докажат дека фирмата приложила и фиктивен елаборат, како една од основите според кои Герасимовски може да ја поништи градежната дозвола.
Сопственик на фирмата „Маркеза“ е извесен Филип Костиќ. Таа, според Истражувачката репортерска лабораторија, има деловни односи со фирмата БИСИ ДООЕЛ, инаку во сопственост на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски – Фреди. Георгиевски во разговор со ИРЛ демантирал секаква поврзаност со градбата на Водно.
Од „Маркеза“ досега единствено се имаат обратено преку соопштение. Тие изминатиов период укажуваа дека имаат важечка дозвола за градба и ја потсетуваа Општината дека е должна да им направи пристапен пат.
Над и околу парцелата на „Маркеза“ е распослан имот и на Богдан Георгиевски, како и на фирмите „Ексико“, „Кара“ и „Манд-Интернационал“. „Ексико“ е фирма чие тајно сопствеништво завршува во Швајцарија. „Кара“ е фирма во сопственост на семејството Камчеви, а „Манд“ е на поранешниот кошаркар и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Наумовски.
Урбанизацијата на овој потег ја скрои ВМРО-ДПМНЕ преку Советот на општина Центар, со кворум обезбеден со претседавачот, Мирослав Шиповиќ, кој целно беше притворен, па пуштен на слобода. Општинската надлежност да се донесе детален урбанистички план е дел од поширок, генерален урбанистички план на Скопје, кој одекна во некогашните опозициски „бомби“.