Од вкупно девет кандидати за уставни судии, предложени и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, Комисијата засега го прифати предлогот на владејачкото мнозинство во парламентот за Фатмир Скендер да биде нов уставен судија, а треба да се произнесе уште за осум предлог-судии
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да ја продолжи расправата за утврдувањето предлог-кандидатите за судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Засега, Комисијата го прифати предлогот на владејачкото мнозинство во парламентот за Фатмир Скендер да биде нов уставен судија, а треба да се произнесе уште за осум предлог-судии.
По изборот на Фатмир Скендер за уставен судија, пратениците од Комисијата расправаа за кандидатката за уставна судијка предложена од ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Родна Живковска, но предлогот сè уште не е усвоен.
Пратениците треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и Тања Васиќ Бозаџиева, вработена во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени од владејачките партии. На предлог на ВМРО-ДПМНЕ, пак, треба да се разгледаат кандидатурите и на универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, Уставниот суд во моментов работи со пет судии од предвидените девет, откако на четворица им истече мандатот за работа. Во ваков нецелосен состав Уставниот суд е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
По речиси една година откако Уставниот суд работи со намален и недоволен број на судии, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на 13 мај годинава ја започна процедурата за избор на нови уставни судии, од предложени девет кандидати.