Тој му посака и среќа во понатамошната политичка кариера на Јакимовски и ги негираше наводите за вршење на притисоци и закани
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на новинарско прашање во врска со обвинувањата на Стевчо Јакимовски, дека неговата партија вршела уцени, закани и притисоци кон стопанственици во Карпош, поради што и Јакимовски одлучи да ја раскине коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека тој со Јакимовски не комуницирал подолго време, а за овие обвинувања го повика да се обрати до истражните органи.
„Со господинот Јакимовски немам комуникација уште од пред нова година, тогаш еднаш или два пати се видовме да му честитам на тоа што беше избран за градоначалник, ги отфрлам овие навреди, вчудовиден сум, претпоставувам ако има такви индиции треба да соработува со органите на прогонот и да го пријави, го охрабрувам да го пријави затоа што во спротивно ако не го пријави со тоа што го кажува станува соучесник, нели, ја сокрива правдата“,
изјави Мицкоски.
Тој му посака и среќа во понатамошната политичка кариера на Јакимовски и уште еднаш ги негираше наводите за вршење притисоци и закани.
„Тој е долги години во политиката и јас му посакувам среќа успех понатаму во животот. Се надевам дека одлуката што ја донесе мисли дека е исправна и дека таа ќе му донесе некаков политички, би рекол ете, подобар комфор. Како што го слушнав во изјавата, тој вели дека некој му вршел тортура, изживување и не знам уште што не кажа, а луѓето што ме познаваат, вклучително и тој, знам дека тоа не го мислат, бидејќи јас сум сè само не сум таков човек. Со еден збор, му посакувам среќа во понатамошната политичката кариера“,
нагласи Мицкоски.