За евентуално поставување рок за вметнување на Бугарите во Уставот, шефот на дипломатијата рече дека во услови на недоверба кога РСМ има едно лошо искуство на тегнење на условите во последните 17 години, смета дека е од исклучително големо значење прво да се врати довербата преку започнување на процесот, а потоа преку сите можни гаранции ние да пристапиме кон таков чекор
Во гостувањето во „Тема на денот“ во дневникот на Сител ТВ вечерва министерот за надворешни работи, Бујар Османи, последната средбата со бугарската колешка Теодора Генчовска ја оцени како една од подобрите, а палењето на влезот на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола вели дека не успеало да влијае на преговорите.
Иако ја оценува како една од подобрите, сепак, шефот на дипломатијата нагласува дека не може да предвиди дали ќе се дојде до решение односно кој ќе биде исходот.
„Тоа беа дводневни интензивни разговори и преговори во коишто за првпат ги споивме експертските тимови заедно со политичкото ниво на соработка. Без преголем оптимизам, бидејќи е прерано да се каже бидејќи има многу нерешени прашања и дилеми, тоа беше една од подобрите средби што ги имале досега во конструктивна атмосфера … Тоа што се случи во Битола беше смислен акт токму за да се влијае на овие разговори, за среќа не влијаеше во киднапирање и дефокусирање на нашиот ангажман во тој процес. Мислам дека беа доволни разговори за да се продолжи понатаму, но недоволни за да можам да предвидам кој ќе биде исходот“,
рече Османи.
Овој состанок, вели министерот, ги охрабрил двете страни овие денови да се искористат максимално за евентуално да се најде решение.
Во однос на тоа дали има француски предлог, и Османи како и Ковачевски, потврди дека нема конкретен предлог туку има само силен ангажман од Франција.
„Точно е тоа што го вели премиерот, нема конкретен француски предлог, но има не само голем ангажман од француското претседателство туку и личен интерес од страна на претседателот на Франција Емануел Макрон. Можеби не е мое да кажам, но од информациите кои ги добивам нема состанок што претседателот Макрон го има со европски лидери, а да не го отвора прашањето за Северна Македонија и почетокот на преговори“,
рече Османи.
За тоа дали Франција нуди некакви гаранции за Бугарија односно дали сите бугарски барања ќе влезат во преговарачката рамка за ЕУ, шефот на дипломатијата рече дека е шпекулации.
„Точно е дека Република Бугарија бара сите прашања да се стават како некакви си услови во преговарачкиот процес. И ја имате и нашата позиција во која сметаме дека договорот е билатерален и така треба да се реши, а европскиот процес не треба да биде платформа за решавање на билатерални прашања. Го имаме португалскиот предлог, кој е речиси на таа наша линија, и имаме голем број на земји-членки кои се на иста линија. Република Франција во овој период се обидува да го тестира расположението на сите земји-членки, притоа имајќи јасен свој став во процесот. Меѓутоа, ние не оставаме ништо на случајноста и секојдневно го информираме француското претседателство за ставовите, за ризиците, за варијантите, за можностите. Сè уште нема предлог од француското претседателство што дава некакви насоки дали може нешто да биде во делот на човековите права, како услов во преговарачката рамка“,
рече Османи.
Во однос на човековите права или конкретно вметнување на Бугарите во Уставот министерот повтори дека на наша страна има волја, меѓутоа за рокот кога тоа да се направи, според него, подобро е прво да се започне со процесот на преговори од страна на ЕУ.
„Мислам дека е многу важно за да се создаде доверба кај нашите граѓани, кај пратеници и кај нас како претставници на граѓаните за да влеземе во еден таков процес е многу важно ЕУ да го започне процесот. Бидејќи во услови на недоверба, кога РСМ има едно лошо искуство на тегнење на условите во последните 17 години, во услови на едно чувство на подвижна мета, сметам дека е од исклучително големо значење да се врати довербата преку започнување на процесот, а потоа преку сите можни гаранции ние да пристапиме кон нешто за кое изразуваме волја и политичка одлука дека тоа ќе го направиме“,
рече Османи.
На прашањето дали останува на резервата дека ако после јуни ако сè уште остане ветото, во фокусот не треба да бидат разговорите со Софија, туку да се фокусираме на други прашања, Османи наведе дека тоа во Бугарија било погрешно сфатено како некаков ултиматум. Тоа, појасни тој, беше моја објективна проценка дека „прозорецот на можности“ некако се затвора со ова француско претседателство.
„Беше искрена порака до Бугарија, искрена порака до ЕУ и на тој факт сè уште го засновам мојот оптимизам дека ќе преовладува разумот кај сите дека ова е можеби еден од ретките прозорци на можност“,
рече меѓу другото министерот за надворешни работи Бујар Османи.