Уште една провокација, варварски чин и дел од долгогодишната антибугарска кампања во Северна Македонија, вака претседателот на Бугарија, Румен Радев, го квалификува палењето на влезот на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Радев порачува дека „институциите во Република Северна Македонија мора да ја сфатат својата одговорност кон помладите генерации и да не дозволат омразата да владее со јавниот простор“, пренесува БГНЕС.
Радев, во ставот што го соопшти неговата прес-служба, вели дека сака да верува дека најавите што денеска ги слушнал од официјалните институции во Северна Македонија за решително барање на сторителите на овој варварски чин, ќе се реализираат на дело.
„Палењето на културниот центар на Бугарите во Битола е уште една провокација, дел од долгогодишната антибугарска кампања во Северна Македонија. Толерирано повеќе или помалку од официјалните власти, со години наоѓаше израз во уривањето споменици, спомен-плочи, сквернавењето на воените гробишта поврзани со Бугарите и нашата заедничка историја. Преку навреда и искривување на историските вистинити текстови за Бугарија и Бугарите во учебници, книги, филмови, натписи во музеи и јавни места, таа ги труе и продолжува да ги труе умовите на многу генерации и да го попречува развојот на добрососедските односи меѓу двете земји“,
се наведува во ставот на Румен Радев.
Според Радев, досега не е познат ниту еден сторител на, како што вели, многубројните слични криминални дејствија врз Бугарите во Република Северна Македонија.
„Денес, додека работиме напорно за да ги надминеме тешкотиите и нерешените прашања и да го следиме нашиот заеднички пат до обединета Европа, институциите во Република Северна Македонија мора да ја сфатат својата одговорност кон помладите генерации и да не дозволат омразата да владее со јавниот простор, ниту да ги осакати и ограничува нашите билатерални односи“,
е ставот на Радев.