Според Османи, со иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обидува да го прошири својот хегемонистички пристап низ целиот регион и да го третира Косово како нерамноправен партнер
Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ не го почитува принципот на инклузивност и не ги третира сите земји подеднакво, изјави претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Во интервју за црногорската информативна агенција МИНА, Османи изјави дека иницијативата во Косово ја анализирале од политичка и експертска страна.
„Дојдовме до одлука, која помина низ многу анализи, дека ова не е иницијатива која би го третирала Косово како рамноправен партнер“,
рече Османи.
Таа процени дека со иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обидува да го прошири својот хегемонистички пристап низ целиот регион и да го третира Косово како нерамноправен партнер, со тоа што не ја признава неговата независност.
Според Османи, големата разлика меѓу „Отворен Балкан“ и другите иницијативи е тоа што другите иницијативи и нивните креатори ги третираат сите земји како еднакви.
„Ние сме согласни за договори кои би го забрзале нашето членство во Европската Унија, наместо да се создава чекалница која ѝ дава причина и оправдување на Унијата да не го забрза пристапниот процес“,
рече Османи.
Таа рече дека без членството на Западен Балкан во ЕУ не може да има слободна, обединета и мирна Европа, а со сигурност не може да има безбедност на европскиот континент.
„Значи, бевме многу јасни во врска со тоа прашање. Ние ги почитуваме другите земји, но во исто време сакаме да се почитува нашиот став, бидејќи тој има поминато низ многу сериозни проценки на сите неопходни фактори“,
рече Османи.
Таа рече дека има многубројни иницијативи во кои учествува Косово и додаде дека причината за нивното учество е тоа што таму се третираат како еднакви, како и почитување на принципот на инклузивност од првиот ден.
„Значи сите шест земји од Западен Балкан учествуваа во креирањето на тие иницијативи, наспроти иницијативата „Отворен Балкан“, која не е инклузивна и не нè третира еднакво“,
рече Османи.
Коментирајќи ја војната во Украина, таа рече дека од 24 февруари е загрозена целата безбедносна архитектура на европскиот континент.
Според неа, намерата на Русија не е само да го наруши суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина туку и да се бори против системите засновани на вредности и демократскиот начин на живот.
„Истовремено, Русија се обидува да ја поткопа трансатлантската соработка и достигнувањата во овој дел од регионот. Сега, соочени со ваква агресија, мора да бидеме обединети не само во зборови и изјави туку и во заедничко дејствување“,
рече Османи.
Таа рече дека засега сите земји од Западен Балкан, освен Србија, избрале да бидат на страната на Украина.
„Србија постојано демонстрираше, а неодамна со телефонски разговор меѓу Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин се потврди дека избрале да бидат заедно со Русија во оваа агресија. За жал, на Русија ѝ го дадоа вештачкото дишење што ѝ беше неопходно за да ја продолжи војната“,
рече Османи.
Таа рече дека Европската Унија треба да испрати многу јасна порака до Србија дека, доколку продолжи по тој пат, нејзините пристапни преговори ќе бидат прекинати.
Османи посочи дека членството во ЕУ и НАТО е единствениот прав пат за земјите од Западен Балкан.
„Мојата земја никогаш не гледала други опции. Ова не го гледавме само како гледна точка на народот на Косово туку како визија на секоја влада и институција која досега ја водела земјата“,
рече Османи.
Таа потсети дека некои земји од регионот веќе се во НАТО што, како што додаде, придонесе за поголема безбедност во регионот.
Според Османи, време е на Косово и на Босна и Херцеговина да им се понуди јасен и забрзан пат кон НАТО.
„Србија, очигледно не покажува таква намера. Сепак, на сите други што работат на влез во НАТО треба да им биде јасно дека од безбедносна перспектива членството е неопходно во светлината на руската агресија врз Украина“,
рече Османи.
Како што наведе таа, Косово формираше меѓуинституционална работна група, која ги поминува сите критериуми и процедури за аплицирање, со цел да се одреди најдоброто време за официјално барање за членство во НАТО.
„Кога таа група ќе заврши со работа, ќе можеме да излеземе со точен датум“,
рече Османи.
Таа рече дека патот до членство во НАТО оди и преку Партнерството за мир, што е првиот чекор за Косово на кој треба да поработи земјата.
„Во моментов се соочуваме со мошне апсурдна ситуација бидејќи во Партнерството за мир се вклучени земји како Белорусија на Лукашенко, како и Србија и анти-НАТО земји кои не се ни обидуваат да влезат во Алијансата“,
рече Османи.
На прашањето каква реакција очекува Белград кога Косово официјално ќе ја поднесе апликацијата за членство во НАТО, таа рече дека никогаш немало да прогласат независност доколку ги гледале реакциите на Србија.
„Очигледно е дека интересите на Косово, но и волјата на народот се примарни фактори во одлучувањето за нашата иднина или членството во меѓународните организации“,
рече Османи.
Таа вели дека членството на Косово во тие организации не е само политички потег и додаде дека граѓаните имаат крајна корист.
„Кога Косово ќе влезе во Советот на Европа, нашите граѓани конечно ќе имаат пристап до Европскиот суд за човекови права. Значи, на крајот, ова е прашање на човекови права“,
рече Османи.
Како што оцени таа, да се каже „не“ за членството на Косово во Советот на Европа значи да се каже „не“ за повисок стандард на човекови права во Европа, бидејќи Косово е дел од континентот.
Исто така, да се каже „не“ за членство во организации како Интерпол значи да се каже „не“ за борбата против прекуграничниот криминал.
„Доколку државата ја поддржува борбата против прекуграничниот криминал, тогаш треба да го поддржи учеството на Косово во тие механизми“,
рече Османи.
Таа рече дека тоа важи и за другите меѓународни организации, додавајќи дека кога Косово ќе биде подготвено да поднесе барање за членство во НАТО, реакцијата на Србија дефинитивно ќе биде нешто на што треба да се обрне внимание.
„Ние не одиме никаде. Колку побрзо го разберат и прифатат тоа преку меѓусебно признавање, толку подобро за нив, но и за мирот и стабилноста во целиот регион“,
заклучи Османи.