Оттаму посочуваат и дека во Општината отсуствува визија за дестимулација на автомобилскиот сообраќај, а приватни возила се користат во неразумна мера
Тетово одамна е препуштено само на себе, препуштено на импровизации, непрофесионализам и корупција, а во таква ситуација неизбежна е не само зачестената појава на нови несреќи и катастрофи, туку и сѐ потешкото справување со нив. Ова е дел од реакцијата на иницијативата „Тетово сака парк“ по страотниот пожар во поранешната фабрика „Македонија табак“ во Тетово кој според нив е еколошка катастрофа.
„Грешките од минатото ни се повторуваат, а во целата оваа ситуација самото избувнување пожар на атрактивна градежна локација, иако веќе во приватна сопственост, со право отвора сомнеж кај јавноста, особено што сѐ уште не е донесен нов ДУП за тоа подрачје“,
велат од иницијативата „Тетово сака парк“.
Потсетуваат дека Тетово со години е рекордер, не само на национално, туку и на светско ниво по загаденост на воздухот. Обвинуваат дека продолжува урбанистичкиот хаос, градење без план, без одобрение, спротивно на јавниот интерес и сите принципи на хумано планирање на просторот.
„Општината соопштува дека го суспендира штетниот ДУП за УБ 57а (ШИК „Јелак“), а пред наши очи во истиот блок започнува да се гради станбена зграда, по уредно издадено одобрение за градба со урбанистички услови кои произлегуваат од суспендиран план“,
велат од „Тетово сака парк“.
Оттаму посочуваат и дека во Општината отсуствува визија за дестимулација на автомобилскиот сообраќај, а приватни возила се користат во неразумна мера.
„Општината не стимулира велосипедски и пешачки сообраќај, ниту пак воспоставува вистински јавен градски и приградски превоз. Единствената, иако импровизирана велосипедска патека, беше првата и единствена дивоградба со која се пресмета Општината. Автомобилот тука е светост, а Тетово, иако мал по површина, е автоцентричен град, наместо да биде хуманоцентричен – град за луѓето, не за автомобилите“,
сметаат од иницијативата.
На крајот, „Тетово сака парк“ укажува дека тетовци константно живеат во еколошка катастрофа и велат дека јавноста ќе зборува за пожарот во Тетово три дека кои брзо ќе поминат. „Што потоа? Нашето константно живеење во еколошка катастрофа мора да запре!“, порачуваат од иницијативата.