Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ настапи денеска со сличен вокабулар како и Милошоски синоќа, обраќајќи му се на Заев со: „ќе те отвориме како пупка“
Премиерот Оливер Спасовски вели дека не ги слушнал „бомбите“ што вчера беа објавени на јутјуб, а се однесуваат на комуникација на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, со експретседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, и со други судии, за случај поврзан со неговиот татко и со Здружението на возачи – Кичево.
Спасовски вели дека сите снимки што ги имале во СДСМ ги предале на СЈО и ги повика институциите да истражат од каде се аудио-материјалите што се објавуваат во јавноста.
„Јас не ги слушнав и не знам за што се работи. Само знам дека се објавени некакви материјали. Повикувам институциите да истражат, да видат кои материјали се, какви се, од каде се објавени и да преземат соодветни мерки. За оваа работа потребна е нулта толеранција. Институциите треба да работат ефикасно и да ги откријат тие кои ова го прават и врз основа на тоа да преземат соодветни санкции“,
изјави денеска Спасовски.
Наспроти ставовите на техничкиот премиер, од ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат најави за можно пласирање на нови „бомби“, за функционери на СДСМ. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во статус на твитер, настапи со сличен вокабулар како и Милошоски при вчерашниот одговор за објавувањето на снимките што упатуваат на обид за негово влијание врз судии.
„Ќе те отвориме како пупка“,
ја повтори Николоски фразата со која Милошоски алудира на изјава на доскорешниот премиер Зоран Заев. Николоски, исто така, порача „се слушаме наскоро“.
Откако Милошоски во изминатиот период објавуваше и носеше во обвинителството снимки од разговори на Заев, вчера беа објавени пет негови разговори, прво со разрешениот врховен судија Вангеловски, а потоа и со други судии. Милошоски го обвини Заев дека нарачал објавување на аудио снимиките. Но, пратеникот на ВМРО-ДПММНЕ не излезе со коментар за содржината на неговите разговори со судиите.