Прашана дали овој случај досега можеби требало да биде во истражна постапка со оглед на тоа дека се поминати 10 месеци од неговото откривање, Лукаревска вели дека станува збор за комплициран случај и дека таквите се подолги и пообемни за работа
На прашањето дали во случајот има линии што водат до високи функционери на власта, директорката на УЈП рече дека не може да коментира такво нешто
Јас сум горда на тоа што ние алармиравме веднаш штом ги откривме небулозните дејствија од страна на даночните обврзници, затоа не можам да дозволам да се кажува дека станува збор за скандал на УЈП, туку станува збор за скандал со незаконско работење на даночни обврзници што се сопственички поврзани и кои ги менаџира едно исто сметководствено биро, изјави директорката на УЈП и заменик-претседателка на СДСМ, Сања Лукаревска, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, одговарајќи на прашање за случајот со малверзации со ДДВ, кој во јавноста го обелодени ВМРО-ДПМНЕ, со тврдење дека во него се инволвирани високи функционери од власта.
Велејќи дека не сака да и наштети на предистражната постапка што ја води обвинителството, Лукаревска не откри дали со овој случај државниот буџет е оштетен за 20 до 30 милиони евра, како што тврдеше опозицијата.
„Станува збор за неосновано даночно побарување, односно нешто што го попречува функционирањето на законот за данок на додадена вредност, во врска со законот за даночна постапка. Се уште не можеме да ја кажеме точната сума на пари, бидејќи откако го утврдивме овој сомнеж кој го имавме, веднаш ги преземавме сите дејствија кои ни се овозможени како инстутиција. На 21 јули лани го известивме МВР дека имаме вакви сомневања, а потоа во октомвеи доставивме уште еден допис за да ги наведеме сите поединости и за даночни обврзници и за дејствија кои се преземаат, какви чекори се прават и понатаму имавме уште едно надополнување на овие две барања“,
изјави Лукаревска.
На прашањето дали овој случај досега можеби требало да биде во истражна постапка со оглед на тоа дека се поминати 10 месеци, Лукаревска вели дека станува збор за комплициран случај и дека таквите се подолги и пообемни за работа.
„За ваков тип истраги навистина треба долго време, затоа што станува збор за документација за гледање на други поединости потребни за целата постапка. Така што, ова не може да оди баш набрзина, за да се утврди вистината. Не треба да заборавиме дека овде станува збор за соработка меѓу компаниите и институциите, прво тој јаз треба да го надминеме, тие финансиски истраги се подолги и пообемни. Имаме увид до каде е предистрагата, да оставиме оние што го работат предметот да ја информираат јавноста. Ние бевме само информатори, на некој начин, алармиравме и побаравме помош од институциите кои ги имаат надлежностите за да спречиме вакво даночно незаконско работење“,
рече Лукаревска.
На прашањето дали во случајот има линии што водат до високи функционери на власта, директорката на УЈП рече дека не може да коментира такво нешто.