Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ прифаќањето барањата на Бугарија да влезат во преговарачката рамка би значело капитулација или како што вели тој „асимилација и бигаризација“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека доколку Владата прифати преговарачка рамка за ЕУ во која ќе има писмени гаранции како што побарал бугарскиот претседател Румен Радев од неговиот француски колега Емануел Макрон, тоа би била комплетна капитулација и тие како партија нема да ја поддржат во Собранието.
Според него, она што го бара Софија, а се темели на декларацијата од бугарскиот парламент од ноември 2019, е да биде содржано во преговарачката рамка, најверојатно како поглавје 35.
„Така што ако тоа го прифати оваа влада, тоа значи комплетна капитулација. Да преведам, или асимилација и европска иднина, или никогаш нема да имаме европска иднина. Тоа е изборот, немаме трета опција. Да влезе тоа во преговарачката рамка подразбира, ќе повторам, асимилација и бугаризација сега кога практично и јасно станува дека преку Охридската архиепископија имаме многувековна различност во однос на бугарскиот и останатите балкански народи, некој сега повторно да не враќа неколку чекори назад и повторно да прави ново предавство и нови отстапки. Тоа ВМРО-ДПМНЕ во парламентот доколку дојде да се гласа, доколку се потребни две третини, нема намера ниту да помисли да го прифати, а камоли за нешто друго. Инаку, Ковачевски и Османи може да си стават потпис на што било они мислат да си стават потпис. Јас го разбирам Османи, но не можам да го разберам Ковачевски“,
потенцираше Мицкоски.
За барањата што ги истакнал Радев кон Макрон, вчера информираа од кабинетот на бугарскиот претседател откако двајцата имаа телефонски разговор.
„Претседателот го истакна и очекувањето на нашата земја за правно обврзувачки гаранции, кои ќе бидат вклучени во преговарачката рамка за Република Северна Македонија, и ќе обезбедат спроведување на обврските преземени од РСМ. Румен Радев, исто така, истакна дека неспроведувањето на билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка од страна РСМ, пет години по неговото потпишувања, налага конкретни чекори и резултати“,
пишуваше во дел од соопштението од кабинетот на Радев.
Инаку, вчера Макрон разговараше и со премиерот Димитар Ковачевски, а од Владата потоа соопштија двајцата се согласиле оти повеќе нема време за губење и ново одложување на преговорите и проширување на ЕУ ќе донесе и безбедносни ризици за регионот.
„Претседателот на Владата Ковачевски го нагласи интензивниот политички дијалог во последните неколку години и ангажманот на претседателот Макрон и Република Франција во однос на процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на Северна Македонија. Нема време за губење, се согласија премиерот Ковачевски и претседателот Макрон и потенцираа дека натамошното одложување може да има сериозни регионални последици и широко ја отвора вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот што прашањето за проширување на ЕУ со Западен Балкан го прави сериозно безбедносно прашање“,
рекоа од Владата.
Синоќа се огласи и Елисејската палата со кратко соопштение во кое информираа дека Макрон разговарал со премиерите на Северна Македонија и Бугарија и со Радев. Како што соопштија, целта на овие три разговори, додека Франција претседава со Советот на Европската Унија, е да се поттикнат овие две земји брзо да продолжат со дијалогот за спорот меѓу нив.