„Почитувањето на нашите обврски кон нив не е само прашање на нашиот кредибилитет. Денес, повеќе од кога било, нивната интеграција е и во наши стратегиски интереси“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц мислејќи на земјите од Западен Балкан, кои ќе ги посети идниот месец, пред одржувањето на состанокот на Европскиот совет
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека пред одржувањето на состанокот на Европскиот совет идниот месец ќе отпатува на Западен Балкан за да ја пренесе пораката оти иднината на регионот е во Европската Унија, јави Ројтерс.
Шолц пред пратениците во Бундестагот потсети оти шесте земји од Западен Балкан – Црна Гора, Србија, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово – имаат аспирации за членство во ЕУ и се вклучени во долгогодишниот реформски процес.
„Почитувањето на нашите обврски кон нив не е само прашање на нашиот кредибилитет. Денес, повеќе од кога било, нивната интеграција е и во наши стратегиски интереси“,
рече тој укажувајќи на влијанието на надворешните сили во регионот, вклучително и Русија.
Вчера францускиот претседател Емануел Макрон разговараше со премиерот Димитар Ковачевски и со бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Кирил Петков.
„Претседателот на Француската републиката потсети на неговата приврзаност кон европската перспектива на Западен Балкан, особено во контекст на дестабилизација низ која поминува европскиот континент“,
пишува во соопштението од Елисејската палата.