Според вицегувернерката на НБ, Ана Митреска, по глобалниот раст меѓународните институции, очекуваат стабилизација на цените на енергентите и на храната, односно на увезената инфлација. Таа додаде дека најверојатно надолен притисок врз цените ќе предизвика и промената во однесувањето на потрошувачите, а согласно овие очекувања, се предвидува стабилизирање на инфлацијата на околу три проценти следната година
Ако очекувавме раст на цените на нафтата од 4 отсто во октомври, сега очекувањата за оваа година се околу 50 проценти, кај храната се очекуваше главно стагнација, а сега двоцифрен раст, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Утрински брифинг“ додавајќи дека шокот што го предизвика војната во Украина врз цените на примарните производи на светските берзи придонесе и за повисока стапка на инфлација и кај нас.
Сепак, вицегувернерката истакна оти по глобалниот раст, меѓународните институции очекуваат стабилизација на цените на енергентите и на храната, односно на увезената инфлација. Таа додаде дека најверојатно надолен притисок врз цените ќе предизвика и промената во однесувањето на потрошувачите, а согласно овие очекувања, се предвидува стабилизирање на инфлацијата на околу три проценти следната година.
Во однос на покачувањето на проекцијата за стапката на инфлација за годинава во априлските проекции на Народната банка, Митреска истакна дека ова е глобален тренд, како и дека истите заеднички фактори влијаат врз циклусот на инфлација кај сите земји.
„Речиси и нема земја во којашто нема раст на инфлацијата. Има заеднички фактори коишто влијаат врз циклусот на инфлацијата во сите земји во светот, особено во Европа. Минатата година тоа беа ефектите од пандемијата, забавените синџири на снабдување, растот на трошоците за транспорт, нарушените синџири, поточно несовпаѓањето на понудата и побарувачката. На ова се надоврза растот на цените на енергентите, особено на струјата, кон крајот на минатата година, како резултат на агендата за зелена транзиција, а потоа овие проблеми се продлабочија уште повеќе со руско-украинскиот конфликт, што неминовно доведе до подигнување на ценовното ниво кај сите овие производи. Ова се глобални заеднички фактори, коишто влијаат врз инфлацијата“,
вели вицегувернерката Митреска.
Меѓу другото, вицегувенрерката истакна дека ако се анализира нашата просечна инфлација во април од 8,4 отсто, половината е резултат на растот на цените на храната, додавајќи дека домашните цени на храната во голема мера се врзани со увозните цени и директно преку готовите производи, но и преку растот на цените на трошоците за суровини, енергенти.
„Домашните производни цени на храната, исто така, растат под влијание на глобалните фактори, растот на цените на суровините и на енергентите. Дваесетина проценти од растот се должи на енергентите и таму речиси во целост имаме увезена компонента. Базичната инфлација исто така забрза, меѓутоа ако ја погледнете нејзината структура, голем дел од тоа забрзување е резултат на увезени притисоци. Растат цените на суровините, растат цените на храната, на енергентите и се пренесуваат врз останатите цени“,
посочи вицегувренерката.
Митреска додаде дека најголемиот дел од ова што се случува со инфлацијата кај нас се увезени движења, додавајќи дека овие заклучоци не се темелат само врз следење на движењата, туку врз база на ригорозна аналитика која ги потврдува овие фактори и извори на раст на инфлацијата, констатирајќи дека притисокот од домашната побарувачка засега е мал.