Повеќе од 900 украински војници, кои се наоѓаа во опколената мариуполска челичарница „Азовстал“, се испратени во затворска колонија на територија под руска контрола, соопшти Москва, а нивната судбина и натаму е неизвесна, пишува „Гардијан“.
Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека од 959 украински војници, за кои Русија соопшти дека се предале, 51 војник се лекуваат поради повреди, а сите други се испратени во поранешна затворска колонија во градот Оленивка, кој се наоѓа во областа Донецк.
Захарова за новинарите порача дека на сите повредени војници од „Азовстал“ ќе им биде дадена адекватна помош.
Украина не ги коментираше овие руски тврдења за украинската војска.
Руското Министерство за одбрана вчера објави снимки од украинските борци кои се наоѓаат на болничко лекување во Новоазовск, град кој е под руска контрола.