Александар Фута Радуловиќ, сопругот на Марина Туцаковиќ, која е познат српски текстописец, е единствениот сведок кој денеска се појави во Основниот кривичен суд во Скопје да сведочи во предметот „Рекет“ како сведок предложен од првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13.

Претставувајќи се себеси, Радуловиќ рече дека речиси 40 години е во музичката индустрија и работи како продуцент, композитор, аранжер, дека е сопственик на три издавачки куќи… За Боки рече дека го познава 12-13 години, а го знае и неговото семејство.
„Имаме семејно пријателство, се дружевме често, одевме заедно на одмор, беа чести гости во нашиот дом, тој и неговото семејство“, рече сведокот.
Адвокатот на Боки, Сашко Дукоски, го праша и за периодот пред отворањето на телевизија, односно за тоа дали му давале пари на Боки.
„Пред извесно време ни кажа дека отвора телевизија во Скопје, тоа за мене и за мојата сопруга беше интересно за ширење за нашиот музички опус. Бевме согласни ние да бидеме кофинансиери на отворање на еден таков проект, односно телевизија и некои други работи поврзани со тоа. Така, во текот на две години, ние одвојувавме финансиски средства и му ги дававме на Бојан за да почне со набавка на опрема итн. Му давав и приватно секогаш кога му било потребно во текот на сите тие години на заедничка дружба и пријателство“,
раскажуваше Радуловиќ, но конкретна сума дадена за таа намена не беше спомената.
Тој потоа зборуваше за средба со Боки во февруари 2019 година. Се виделе во Белград, кога Боки одел на пат кон Милано, односно пред престојот во италијанскиот град од кој обвинителството презентираше фискални сметки за купена гардероба со вкупна вредност од околу 148 000 евра.
„Се видовме седум дена пред роденденот на мојот син, кој е на 28 февруари. На семејната вечера бевме јас, сопругата, синот, Бојан, мајка му, кумата и неговиот возач. Тоа беше и период кога следуваше втората фаза од лекувањето на мојата сопруга и беа потребни силни лекарства кои тогаш не беа достапни во Србија и регионот. Тие лекови беа нарачани, резервирани во Милано, па Бојан требаше да ги плати и да ги земе. Причината за таа средба беше набавка на лекови, но и на гардероба за мојата сопруга која ја промени килажата поради болеста, а бидејќи таа и Бојан се сродни души за тоа прашања, тој требаше да ѝ купи гардероба”,
сведочеше Радуловиќ.
Терапијата објаснуваше сведокот, била скапа односно околу 12 000 евра месечно, а тие нарачале лекови за 6-7 месеци. За таа цел и за гардероба, рече Радуловиќ, со сопругата му дале на Боки околу 150 000.
Овие пари, според сведочењето на Радуловиќ, биле дадени седум дена пред 28 февруари, односно на 21 февруари. Тоа е еден ден откако во домот на Орце Камчев, како што се тврди, биле дадени милион евра, ако се суди според видеоснимките на кои стои датумот 20 февруари.
Овој сведок беше споменат минатото рочиште во сведочењето на личниот возач, Стојан Арсовски. И возачот тогаш го посведочи истото дека Туцаковиќ и Радуловиќ му дале значителна сума пари.
*Поврзана вест
Русковска до српскиот композитор: Имате ли доказ дека сте му давале пари на Боки за 1ТВ?