Хрватскиот претседател смета дека Хрватска не смее да се откаже од условите за членство на Финска и Шведска во НАТО додека не се постигне изборна рамноправност на босанските Хрвати
Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман претходно денеска изјави дека Хрватска безрезервно го поддржува членството на Финска и Шведска во НАТО и дека му наложил на постојаниот претставник во НАТО во Брисел да ги прифати барањата за членство на двете земји
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека хрватскиот амбасадор во НАТО, Марио Нобило, ќе добие инструкции да се спротивстави на членството на Финска и Шведска додека не се реформира изборниот закон во БиХ.
Милановиќ смета дека Хрватска не смее да се откаже од условите за членство на Финска и Шведска во НАТО додека не се постигне изборна рамноправност на босанските Хрвати.
„Ова не е чин против Финска и Шведска, туку е за Хрватска“,
рече Милановиќ на вонредна прес-конференција.
Тој смета дека Хрватите во БиХ се разоруваат како политички субјект и дека во хрватски национален интерес е да се спречи тоа и најави дека поради тоа ќе му наложи на хрватскиот амбасадор во НАТО, Марио Нобило, да се спротивстави на членството.
Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман претходно денеска изјави дека Хрватска безрезервно го поддржува членството на Финска и Шведска во НАТО и дека му наложил на постојаниот претставник во НАТО во Брисел да ги прифати барањата за членство на двете земји.
„Апсолутно реков во име на хрватската влада на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин минатиот викенд дека даваме недвосмислена, безрезервна поддршка на тие земји (…), тоа беше без никакви нејаснотии“,
изјави Грлиќ Радман за Хрватското радио.
Министерството за надворешни и европски работи минатата недела објави дека во тој случај Нобило мора да го слуша Зрињевац (седиштето на Министерството за надворешни и европски прашања) а не Пантовчак (претседателската палата).
Како пример за борба за националните интереси, Милановиќ ја посочи Турција, која се противи на влезот во НАТО на двете скандинавски земји додека не исполнат некои услови кои ги бара официјална Анкара.