Во партиското соопштение од средбата се користи старото уставно име на државата
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска остварил средба со амбасадорот на Грција во земјава, Димитрис Јанакакис, соопштија од опозициската партија.
На средбата, како што е соопштено, се разговарало за претстојните парламентарни избори, за актуелните политички состојби во државата, македонската европерспектива и проблемите со кои се соочува нашата држава. Во партиското соопштение не е наведено дали Мицкоски и Јанакакис разговарале и за Преспанскиот договор и за неговото спроведување. Воочливо е дека во соопштението што ВМРО-ДПМНЕ го испрати до медиумите се користи старото уставно име на државата.
„Како клучен проблем со кој се соочува Република Македонија, Мицкоски го истакна проблемот со високата корупција, тој напомена дека во нашата држава има низа на неразрешени криминални афери во кои се вмешани највисоките структури на власта. Тој посочи дека неказнивоста на криминалот и корупцијата ја кочи интеграцијата на Македонија во ЕУ“,
се наведува во соопштението.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, како што се посочува, потенцирал дека по победата на 12 април, новата влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се фокусира на суштински реформи. По 12 април, рекол Мицкоски, Република Македонија ќе се најде на брзата лента за членство во ЕУ.
Во однос на изборниот процес, соговорниците се согласиле дека фер и демократски парламентарни избори се основа на една европска демократија. Иднината на државата, како што е наведено, зависи од овие избори.
Во септември минатата година Јанакакис беше унапреден од шеф на Канцеларијата за врски на Грција во Скопје во прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Грција во Северна Македонија. Во таа пригода тој изјави дека целосното и навремено спроведување на договорот од Преспа е од витално значење за односите меѓу двете земји.
ВМРО-ДПМНЕ, во изминатиот период, настапува со тези дека ако партијата освои 80 пратенички места би се отворил простор за преиспитување на Преспанскиот договор. Ваквите ставови предизвикаа и реакции од СДСМ дека раководство на ВМРО-ДПМНЕ заговара опасни тези за поништување или укинување на Преспанскиот договор, што би значело уривање на европските перспективи на земјата.