Руските сили ги продолжуваат воздушните напади врз фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол
Војната во Украина трае веќе 78 дена. Украинските власти тврдат дека украинските трупи околу Харков ги потиснале руските сили толку далеку што градот веќе не е во дометот на нивната артилерија, објави Би-би-си. Украинската армија, пак, објави дека руските сили ги продолжуваат воздушните напади врз фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол и дека напредуваат кон градовите во источна Украина.

Генералштабот на украинската армија соопшти дека руските сили извршиле артилериски напади и во правец на Запорожје, кој бил прибежиште за цивилите при нивното бегство од Мариупол.
Украинската армија, исто така, соопшти дека руските сили користат артилерија за да ги гаѓаат украинските единици северно од градот Харков на североисток и ги наведе руските напади во регионите Чернихив и Суми на север.
„Харков веќе 70 дена е цел на руската артилерија. Но, на тоа може наскоро да му дојде крајот“,
пишува Би-би-си.
Украинските трупи околу вториот по големина град во земјата ги потиснаа руските сили толку далеку што градот не е во дометот на нивната артилерија.
Последното место што беше ослободено е селото Питомник, соопшти вчера украинската војска.
Во регионите Донецк и Луганск во источна Украина, каде борбите се водат од почетокот на војната, украинската армија објави „делумен успех“ во напредувањето на Русија.

Едно лице загина, а седум се повредени при украинското гранатирање на селото Солохи во руската област Белгород во средата, соопшти локалниот гувернер Вјачеслав Гладков.
„На повредените и на семејството на починатиот ќе им пружиме материјална помош“,
изјави Гладков на Телеграм, пренесува ТАСС.
The village of Solokhi near Belgorod in Russia is currently burning. Reportedly the village was struck by Ukrainian artillery. pic.twitter.com/vj9hmqq0Km
— Woofers (@NotWoofers) May 11, 2022
Вчера руските медиуми објавија дека селото Солохи било гранатирано на украинска страна, а според првичните информации, една станбена зграда претрпела штета.