Аранжманот е договорен на средбата меѓу премиерот Кирил Петков и американската потпретседателка Камала Харис во Вашингтон, соопшти бугарската влада
Бугарија од јуни ќе почне да добива американски течен природен гас (ЛНГ), кој ќе ѝ помогне во снабдувањето на пазарот откако рускиот „Газпром“ го прекина снабдувањето со гас, соопшти денеска бугарската влада, пренесуваат медиумите.
Аранжманот е договорен на средбата меѓу премиерот Кирил Петков и американската потпретседателка Камала Харис во Вашингтон, соопшти владата.
„Испораките на течен природен гас за Бугарија по цени пониски од оние на „Газпром“ се договорени од јуни“,
се наведува во соопштението на владата, без да се дадат дополнителни појаснувања.
„Газпром“ од 27 април ја прекина испораката на гас за Бугарија и Полска затоа што одбија да плаќаат во рубли.
Бугарија годишно троши околу три милијарди кубни метри гас, од кои над 90 отсто доаѓаат од Русија.
Бугарија е во преговори со Азербејџан за зголемување на испораките на гас и се обидува да преговара за ЛНГ преку терминалите во Грција и Турција.