Како што соопштија од владината прес-служба, тема на средбата била одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија со која Македонската православна црква-Охридска архиепископија се прима во евхаристичко заедништво со другите православни цркви
Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше средба со архиепископот охридски и македонски и поглавар Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан.

Како што соопштија од владината прес-служба, тема на средбата била одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија со која Македонската православна црква-Охридска архиепископија се прима во евхаристичко заедништво со останатите православни цркви.
„Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека станува збор за историска одлука и долгоочекувано вековно признание за постоењето на Македонската православна црква, наследничка на древната Охридска архиепископија. Со оваа одлука на Вселенската патријаршија, беше потенцирано на средбата, архијереите на МПЦ-ОА, свештениците и монасите, како и православните верници во нашата земја се стекнуваат со правото да соучествуваат во литургиското единство со останатите православни цркви“,
се вели во соопштението.
Ковачевски, исто така, оценил дека оваа историска одлука е донесена кога оваа генерација архијереи раководи со МПЦ-ОА и со православното свештенство, монаштво и со православниот народ, со интензивна комуникација со Вселенската патријаршија во последните четири години, во која со свој придонес учествуваа и претставници на Владата.

„Во таа насока беше и писмото на премиерот Ковачевски на почетокот на неговиот мандат до патријархот на Цариградската патријаршија, неговата светост Вартоломеј, во кое тој уште еднаш повика Македонската православна црква-Охридска архиепископија да биде примена во евхаристичко единство со мајката црква како решение на ова долгогодишно црковно прашање во нашата земја“,
информираат од Владата.