По каков модел би се избирале пратениците, рече министерот, нема да зависи од него туку од понудените решенија на работната група. Како евентуален претседател на таа работна група тој најави дека би можел да биде некој што не е член на партија, а како негов помошник да биде странски експерт
Во текот на оваа и идната недела ќе го започнеме процесот на подготовка за донесување на нов Изборен законик, информира денеска на прес-конференција министерот за правда Никола Тупанчески.
Ова би било продолжение на тоа што се случуваше во 2015 година, кога беше формирана меѓуресорска работна група и која во 2016 година започна со активностите, а последните ги имаше во април 2021 година.
„Идејата е од Министерството за правда иницијално да тргне процесот за подготовка на нов Изборен законик, кој би значел вградување на сите препораки од меѓународниот фактор, пред сè од ОДИХР/ОБСЕ, меѓутоа и забелешките од другите засегнати страни“,
посочи Тупанчески.
Во текот на оваа недела, информира тој, до сите засегнати страни ќе биде испратен допис во кој ќе бидат поканети пред сè политичките партии, да земат учество во подготовката на Изборниот законик. Тој најави дека ќе бидат поканети и другите засегнати страни, односно невладините организации, здруженија и сите кои на некој начин се поврзани со изборната проблематика.
Според Тупанчески, Изборниот законик претставува еден од основните претпоставки за едно демократско општество и Министерството за правда треба да биде максимално транспарентно и инклузивно и да ги имплементира забелешките кои беа споменати при спроведувањето на последните предвремени парламентарни избори.
„Сакаме процесот да биде транспарентен и инклузивен зашто се работи за хиперсензитивна материја која може да има широк појас на консеквенции во однос на она што се нарекува имплементирање на демократијата во најширока смисла на зборот. Едно од посебните укажувања на меѓународниот фактор беше дека најдобро ќе биде Изборниот законик да биде донесен најмалку шест месеци пред изборите, затоа што тоа се правила на игра кои треба да се почитуваат. Предуслов е и вториот сегмент, а тоа е да се почитува начелото на консензуалност“,
појасни Тупанчески.
Министерот потсети дека последните измени на Изборниот законик се направени во април 2021 година и тие се однесуваа на биометриската идентификација, но и дека тие избори покажаа и детектираа низа аномалии кои треба да се исправат и врз основа на компаративна анализа да бидат донесени најдобрите решенија.
„Како ќе изгледа новиот Изборен законик нема да зависи од мене, ќе се обидам максимално професионално да биде спроведена подготовката. Тоа значи дека би се движело во таа насока, евентуално, претседателот на работната група да не биде член на политичка партија и да има човек кој ќе му помага, на пример странски експерт. Како ќе изгледа моделот на политичкиот систем преку кој се избираат пратениците или претставниците во државата нема да зависи од мене како министер, туку од работната група, понудените решенија, идеи и аргументација“,
рече министерот.
