Првиот обид на судиите Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска да се изборат за нови Совети кои ќе одлучуваат за нивното разрешување не успеа. Сепак, се уште не е јасно кога ќе се носи конечната одлука во постапката која почна пред две и пол години
Врховниот суд ги отфрли барањата на судиите Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска, со кои двајцата делители на правдата бараа да се изземат судиите-членови на Советите за жалби што треба да одлучуваат по нивните жалби за разрешувањето од Судскиот совет.
Одлуката е донесена на Општата седница на Врховен која се одржа вчера (3 март 2020 г.), а судот ја соопшти денеска.
„Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија, одржана на 3.3.2020 година, одлучи по барањата за изземања на членови на жалбените совети по два предмети оформени (заведени) по жалба пред Врховниот суд, против одлуката на Судскиот совет за разрешени судии, при што истите не ги прифати“,
наведуваат денеска од Врховен.
Во соопштението, Врховниот суд не споделува и информација-кој е новиот термин за одржување на седниците на Советите кои треба да пресечат дали Вангеловски и Стојковска и правосилно ќе бидат разрешени или постапката ќе биде вратена од почеток, пред Судскиот совет. Таа одлука досега неколкупати се одолговлекуваше.

Последните десетина дена, основна причина за развлекувањето на постапката беа неуспешните обиди на Општата седница на Врховниот суд да се произнесе по барањата на Вангеловски и Стојковска за изземање на Советите за жалба.
*Поврзана вест: Хаотична општа седница на Врховен суд, за понеделник закажана нова
*поврзана вест Ново развлекување на постапката за потврда на разрешувањето на Јово Вангеловски
Пред тоа пак, во неколку наврати се одложуваа седниците на жалбените совети. Прво, затоа што Врховен не можеше да изврши уредна достава до Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска. Потоа, откако беа закажани првите седници, имаше обид истите да се одложат поради изборите за на крај да биде побарано и изземање на Советите.
*поврзана вест Врховен не може да го најде Јово Вангеловски за да одлучи – дали ќе го разреши или ќе го врати на работа
*поврзана вест Одложена одлуката за разрешувањето на Јово Вангеловски
Во меѓувреме, работата на Јово Вангеловски додека беше претседател на Врховниот суд стана предмет на интерес и на Обвинителството. ОЈО Скопје оформи предмет за случајот со неколкуте десетици предмети што в.д. претседателот на Врховниот суд, Фаик Арслани, ги затекнал во фиока при преземањето на функцијата од Јово Вангеловски.
Постапувањето на ОЈО Скопје дојде откако во јануари годинава, претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, изјави дека за случајот се известени обвинителството и Државната комисија за спречување на корупцијата.
*поврзана вест Обвинителството отворило предмет за случаите што Јово Вангеловски ги криел во фиока
Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска беа разрешени на 10 септември 2019. Решенијата за разрешување ги донесе Судскиот совет поради нестручно и несовесно постапување при носењето на одлуката за укинување на притворот на Сеад Кочан додека тој беше во бегство.
Откако беа разрешени, тие го искористија правото да ја обжалат одлуката пред Совет за жалба што се формира при Врховниот суд. Согласно Закон, за нивните жалби беа формирани два деветчлени совети со по пет судии од Врховниот и по еден судија од четирите Апелациски подрачја во земјата.
Освен изземање на Советите за жалба, Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска поднесоа и претставки со барање за разрешување на дел од судиите кои допрва треба да им „пресудат“. Вангеловски ги „пријави“ судијките Беса Адеми и Цветанка Периќ поради, според негова оценка, нестручно и несовесно водење на постапката за него пред жалбениот совет.
Претставки, според извор на „360 степени“ од Судскиот совет, поднесе и Рахилка Стојковска. Таа бара разрешување на врховните судии Шпенд Деваја и повторно Цветанка Периќ, со истото образложение.
Интересно е дека Вангеловски и Стојковска таргетираат само тројца судии, иако за одлуките за отфрлање на нивните барања за одлагање на седниците гласале и други судии членови на жалбените совети.