Советите за жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска не успеаја да донесат одлуки по жалбите на судиите Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска, за нивните разрешувања од Судскиот совет.
Извори за „360 степени“ тврдат дека била донесена одлука да се одложат седниците на советите, откако правниот застапник на Вангеловски и на Стојковска побарал изземање на жалбените совети, кои се составени од девет члена – пет врховни судии и по еден судија од четирите апелациски подрачја во земјата.
*поврзана вест: Одредени колегите на Јово Вангеловски што ќе одлучуваат дали тој да биде разрешен
„Прво, од правниот застапник беше побарано да се одложи седницата, бидејќи немало уредна достава. Потоа, дека немало доволно време за подготовка. Овие барања беа одбиени, како што беше одбиено и барањето да се одложи седницата, бидејќи влегуваме во период на избори, што според жалителите значело дека тоа е период во кој не може да има разрешувања. На крај, беше побарано изземање на целиот жалбен совет. Советите одлучија да ги презакажат седниците за да се разгледаат и тие барања, со задолжение до утре да бидат доставени и аргументи поради кои се бара изземање на жалбените совети“,
вели упатен извор кој сакаше да остане анонимен.
На двете засебни седници за двајцата судии кои беа разрешени од Судскиот совет на 10 септември 2019 година, не биле присутни ниту Јово Вангеловски ниту Рахилка Стојковска, туку нивниот адвокат. Како што веќе објави „360 степени“, тие самите барале да присуствуаат на седниците на советите оформени по нивните жалби, но потоа Врховниот суд имаше проблем да ги најде за уредно да им врачи покани.
*поврзана вест: Врховен не може да го најде Јово Вангеловски за да одлучи – дали ќе го разреши или ќе го врати на работа
Според извори од Врховниот суд, новата седници на Советот за жалба по жалбата од Јово Вангеловски ќе се одржи в четврток, на 20 февруари. Советот кој одлучува по жалбата на судијката Рахилка Стојковска закажал седница за 24 февруари, понеделник.
Жалбените совети веќе доцнат со одлуките. Според Законот за Судски совет, Советот за жалба треба да донесе одлука во рок од 30 дена од неговото формирање. Во случајот на Вангеловски и Стојковска, советите беа формирани на почетокот на јануари.