„Овогодинешниот 9 Мај Европа и светот го одбележуваат во услови на безбедносна, економска и енергетска криза и затоа, како никогаш досега, ни се потребни основите на европските вредности: солидарноста, единството и соработката“, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа
Овој историски датум нè предупредува дека злото што го направи фашизмот никогаш не смее да се повтори за доброто на идните генерации, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во видеообраќањето по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа додавајќи оти овој датум е симбол на херојство и единство на луѓето кои ги бранеа своите држави и целиот свет од, како што посочи, најголемото зло на минатиот век – фашизмот.
„Едновремено, овој датум нè обврзува да продолжиме да ги негуваме вистинските принципи за градење мир, единство, стабилност и слобода“,
порачува Маричиќ.
Во честитката со порака за мир, единство, обединетост и солидарност, вицепремиерот потсетува дека денеска се слави победата на демократијата, европските вредности, толеранцијата и дијалогот, во исполнувањето на визијата на Роберт Шуман и Жан Моне. Додава и дека овој ден е можност да се оддаде почит и да се изрази благодарност за она што Европската Унија го направи во интерес на мирот, стабилноста и развојот на континентот.
„Овогодинешниот 9 Мај Европа и светот го одбележуваат во услови на безбедносна, економска и енергетска криза и затоа, како никогаш до сега ни се потребни основите на европските вредности: солидарноста, единството и соработката“,
посочува вицепремиерот Маричиќ.
Сегашните предизвици, според Маричиќ, недвосмислено покажуваат дека проширувањето, како најуспешна политика на Европската Унија, сепак е единствениот начин за зајакнување и заштита на безбедноста, мирот и напредокот на Европа, како и дека кохерентната политика на отворени врати ќе се врати високо на агендата на Европската Унија и во периодот што следи ќе даде резултати.
„Наша цел и единствена гаранција за просперитетна иднина на сегашните и идните генерации е Европската Унија. Затоа и остануваме трајно посветени нашата земја да стане полноправна, доверлива и одговорна членка на европското семејство“,
вели Маричиќ.
Инаку, вицепремиерот Маричиќ денеска и утре е во работна посета на Париз, каде што ќе има состаноци со Клемент Бон, државниот секретар за европски прашања на Франција, со Изабел Думонт, политичкиот советник за Балканот на претседателот Емануел Макрон и со претседателот на Комитетот за меѓународни прашања и одбрана, Кристиан Камбон.
Маричиќ во рамки на посетата ќе се обрати и на конференцијата „Балкански дијалози“, на која учествуваат високи претставници на државите од Западен Балкан и Европа.
