Лидерска средба мора да има бидејќи легитимитетот на оваа влада е нарушен, вели членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Клековски. Осврнувајќи се на ставот на премиерот Димитар Ковачевски, кој одбива да се сретне со лидерот на опозицијата, Клековски вели дека кога се одбива средба, тоа значи дека не одговара локацијата или агендата.
Тој обвини дека власта е толку очајна, што може да направи и непринципиелен договор со Бугарија само за во јуни да може демонстрира некаков успех.
„Легитимно е владејачкото мнозинство да распише избори кога смета дека е најповолно за него, како што е легитимно ВМРО-ДПМНЕ да бара избори сега кога смета дека е најповолниот момент. Она што не е во ред е тоа дека СДСМ и ДУИ се служат со нелегитмни методи за да останат на власт. На пример, го повлекоа Законот за финансирање на јавните претпријатија што го подготуваа додека нивните градоначалници беа на власт, бидејќи голем дел од општинските јавни претпријатија се гушат во долгови – го повлекоа законот затоа што сега им одговара локалната самоуправа да се загуши. Мене ме плаши дека ова владејачко мнозинство е толку очајно да е подготвено да направи и непринципиелен договор со Бугарија само за во јуни да може да го демонстрира како некаков успех. Повеќето македонски граѓани се свесни дека нашата европска интеграција ќе трае со години, дека датумот освен симболика нема големо значење во тој процес и дека земајќи ги предвид ставовите на Бугарија, договор во овој момент е возможен само ако тој биде толку лош за Македонија“,
рече Клековски во гостување на ТВ Сител.
