Во една куќа во Кемерово се пронајдени три тела, а во тек е кривична истрага за настанот. Во околината на Омск две лица загинаа, а осум се повредени
Во источниот дел на Сибир активни се поголем број пожари кои дополнително стануваат поопасни поради силниот ветар, оставајќи зад себе стотици запалени куќи и најмалку десет жртви, известија денеска тамошните локални власти.
Во околината на Краснојарск се уништени повеќе од 450 куќи, а најмалку пет лица ги загубија животите, соопштија локалните власти. Најмалку 17 лица се повредени, од кои десет се примени во болница.
Во целата област е прогласена вонредна состојба.
Во една куќа во Кемерово се пронајдени три тела, а во тек е кривична истрага за настанот. Во околината на Омск две лица загинаа, а осум се повредени, јавуваат тамошните медиуми.
Попладнево со соопштение се огласи и гувернерот на оваа област, Александар Ус, во кое се наведува дека пожарите ги предизвикал ветерот, што на одредени места дува со брзина и до 40 метри во секунда.
„Ветерот урна дрвја и електрични столбови, истовремено предизвикувајќи пожари на неколку места во целата Краснојарска област“,
се вели во соопштението.
Метеоролошкиот институт Рошидромет предупредува дека ветерот утре ќе продолжи да дува со брзина од 20 до 25 метри во секунда, а на планините и до 30 метри во секунда.
„Ваквите пожари се реткост во мај. Но, одамна немало врнежи, а дува силен ветер“,
изјавил директорот на Институтот, Роман Вилфанд.