Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се емитува вечерва (6 мај 2022 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
ВМРО-ДПМНЕ ѝ одбројува на власта до 10 мај, вторник, да се согласи на лидерска средба на која ќе биде договорен датум за предвремени избори, а ако тоа не се случи – почнува, како што беше соопштено, активна блокада на Собранието. Од опозициската партија сметаат дека владејачките СДСМ и ДУИ сакаат да ја понижат ВМРО-ДПМНЕ со неприфаќање на подадената рака за дијалог, игнорирајќи ја реалноста дека станува збор за партија со најмногу пратеници во парламентот и најголем број градоначалници по последните локални избори. Од ВМРО-ДПМНЕ велат и дека ова е само прв чекор во обидот да издејствуваат предвремени избори. Одговорот на премиерот е дека секогаш има простор за дебата и унапредување на законските решение, но дека уцени од типот – или за тоа ќе се разговара или не се прифаќа и закани – имате уште толку дена – тој не прифаќа. Најавата на ВМРО-ДПМНЕ за активна блокада ја нарекува неодговорна и вели дека таа нема да им наштети ниту на Собранието ниту на Владата, туку на граѓаните. За аргументите и плановите на ВМРО-ДПМНЕ вечерва во „360 степени“ разговараме со потпретседателот на партијата и пратеник, Александар Николоски.
Емисијата се емитува од 22 часот на ТВ Алсат.