Ова денеска го соопштија од кабинетот на ираелскиот премиер Нафтали Бенет додека во руската информација за телефонскиот разговор се вели дека двајцата разговарале за холокаустот но не се споменува извинувањето
Рускиот претседател Владимир Путин денеска се извини за изјавите на неговиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој рече дека нацистичкиот лидер Адолф Хитлер има еврејска крв, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.
Путин, во телефонски разговор со израелскиот премиер Нефтали Бенет се извинил за изјавата на Лавров, пренесува Би-би-си повикувајќи се на соопштението од израелскиот кабинет. Сепак, во извештај од средбата наменет за руските медиуми не се споменува извинување.
Лавров ја бранеше, како што ја нарекува Москва „денацификацијата“ како цел на инвазијата на Украина и рече дека еврејското потекло на украинскиот претседател Владимир Зеленски не ја доведува во прашање позицијата на Путин дека Украина е предводена од нацистите.
Лавров рече дека Зеленски можеби навистина е Евреин, но дека и „Адолф Хитлер имал еврејска крв“.
„Тоа што Зеленски е Евреин не значи ништо. Мудрите Евреи велат дека често најжестоките антисемитисти се оние кои всушност и самите се Евреи“,
изјави тогаш Лавров.
Коментарот предизвика бурни реакции во Израел.
Во соопштението од кабинетот на премиерот Бенет денеска се вели дека го прифатиле извинувањето на Путин и му се заблагодариле што го разјаснил неговиот став кон еврејскиот народ.
Русија соопшти дека двајцата разговарале за холокаустот, но извинувањето на Путин не било споменато.