Мицкоски додаде дека оваа блокада би се случила по 10 мај, а за чекорите што партијата што ќе ги преземе во наредниот период тој побара општествена поддршка
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување на телевизија Сител најави дека ќе предложи активна блокада на Собранието, со цел да издејствува одржување на предвремени парламентарни избори, откако претходно го повика премиерот Ковачевски на лидерска средба за да се разговара токму на таа тема.
„Често пати кога се движам меѓу граѓаните ми го поставуваат прашањето што прави ВМРО? Што правите вие? Зошто молчите? Што е ова што се случува? Дури и има една таква перцепција еве ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори па се задоволи со тоа, а овие ја имаат централната власт, сите си се среќни и работите си се движат во таа насока. Но не е така. Не е така. Некој активно се труди да ја наметне тезата дека сите се исти. Ние сакаме активно да ја демантираме таа теза дека не се сите исти. И токму поради тоа сакам на утрешната седница на Извршниот комитет да излезам со првиот чекор, најверојатно тоа ќе биде некаква активна блокада на македонското Собрание. Кога велам активна блокада, мислам блокада на се што ќе биде таму со исклучок на закони кои што значат повисоки плати или некаква помош на граѓаните“,
истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека оваа блокада би се случила по 10 мај, а за чекорите што партијата што ќе ги преземе во наредниот период тој побара општествена поддршка.
„Јас побарав општествена поддршка – и партиска и непартиска. Она што го слушаме од граѓаните се промени и имам впечаток дека таа поддршка расте експоненцијално од ден во ден“,
изјави Мицкоски.