Владата официјално ги укина сите рестриктивни мерки за заштита од ковид-19, освен мерките за задолжително носење заштитни маски во здравствените установи, аптеките, јавниот превоз и центрите за нега на стари лица и лица со посебни потреби, кои сепак и натаму остануваат во сила

По претходната препорака од Комисијата за заразни болести, Владата на денешната седница донесе одлука за укинување на сите преостанати ковид-ограничувања, освен задолжителното носење заштитни маски во здравствените домови, аптеките, јавниот превоз и центрите за нега на стари лица и лица со посебни потреби.
За ова на својот фејсбук-профил информира првиот вицепремиер на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби. Одлуката на Владата, посочи Груби, следи по заклучокот на Комисијата за заразни болести за стабилната епидемиолошка состојба во земјава.
„Владата препорачува практикување на основните превентивни мерки за лична заштита од ковид-19“,
напиша Груби.
Комисијата за заразни болести пред една седмица препорача укинување на сите рестриктивни мерки за справување со коронавирусот, освен задолжителното носење маски во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица.
Комисијата, сепак, упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за лична заштита и хигиена, како што се често миење раце, дезинфекција и одржување дистанца, но и потсетија дека вакцинацијата и натаму останува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението.