Ковид-потврди и досега не се бараа за влез од Северна Македонија во Србија, но сега српските власти ги укинуваат за патниците од сите земји
Од утре (3 мај) Србија ги укинува сите ковид-мерки за контрола и ограничување на влезот на лица на своја територија, како за домашни, така и за странски државјани без разлика од која земја доаѓаат, соопшти српската Влада.
Тоа значи дека при влез во Србија нема да се бара негативен ПЦР или брз антигенски текст, доказ за прележан ковид-19 ниту пак, потврда за вакцинација. Вакви потврди и досега не се бараа за влез од Северна Македонија во Србија, но сега српските власти ги укинуваат за патниците од сите земји.
„Одлуката за слободен влез е донесена врз основа на моменталната епидемиолошка ситуација во нашата земја и во согласност со одлуките на повеќе земји во Европа и во регионот. Надлежните институции ќе продолжат да ја следат ситуацијата и навремено ќе ја информираат јавноста“,
соопшти српската Влада.
Во Србија во моментов на сила е мерката за задолжително носење маски во здравствените установи, додека за сите останати затворени простории има само препорака за маски.
Одлуки за укинување на ковид-мерките изминативе денови донесоа речиси сите земји од регионот.