Револтот доаѓа откако на прашање како Русија може да тврди дека се бори за „денацификација“ на Украина кога и самиот Зеленски е Евреин, Лавров одговори дека тоа не ги негира нацистичките елементи во Украина и дека верува оти и Хитлер имал и еврејска крв
Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид денеска го критикуваше неговиот руски колега, Сергеј Лавров, кој изјави дека нацистичкиот лидер Адолф Хитлер „имал и еврејска крв во него“. Ваквата изјава за Лапид е „непростлива, срамна и историска грешка“.
Израелскиот шеф на дипломатијата рече дека очекува извинување и најави дека ќе го покани рускиот амбасадор во Тел Авив да го изрази својот протест.
„Да се каже дека Хитлер бил Евреин е исто како да се каже дека Евреите сами се убивале. Нацистите ги прогонувале Евреите, само нацистите биле нацисти и само нацистите го иницирале систематското уништување на еврејскиот народ“,
рече Лапид.
И Дани Дајан, претседател на Меморијалниот центар на холокаустот во Јад Вашем, Ерусалим, исто така, ги критикуваше изјавите на Лавров, нарекувајќи ги „опасни и за осуда“ и рече дека рускиот министер „ги претворил жртвите во криминалци, врз основа на целосно лажно тврдење дека Хитлер бил Евреин“.
Тој исто така рече дека е против тоа Украинците да се нарекуваат нацисти бидејќи „тоа го искривува терминот и им штети на жртвите на нацизмот“.
Лавров ги даде ваквите коментари во интервју за италијански медиум само неколку дена откако Израел го одбележа Денот на сеќавањето на Холокаустот, еден од најважните датуми во израелскиот календар.
Во интервјуто,на прашањето како Русија може да тврди дека се бори за „денацификација“ на Украина кога и самиот претседател „Володимир Зеленски е Евреин, рускиот шеф на дипломатијата одговори: „Па што ако Зеленски е Евреин“.
„Фактот не ги негира нацистичките елементи во Украина. Верувам дека и Хитлер имал и еврејска крв“
рече Лавров додавајќи дека „некои од најлошите антисемитисти се Евреи“.
Photo: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY