Протестот ќе започне пред седиштето на ССМ во 12:30 часот. Оттаму ќе се маршира до пред Собранието и ќе заврши пред Владата
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, рече дека ќе го поддржи утрешниот протест кој ќе го организираат синдикатите на работници, истакнувајќи дека секогаш треба да се сеќаваме на унапредувањето на работничките права
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) утре ќе организира првомајски протест со кој ќе бараат покачување на платите за сите работници во износ од 2 806 денари, согласно покачувањето на минималната плата.
„За да славиме, потребни ни се пари, а парите ни ги изеде инфлацијата, затоа на 1 Мај ќе простестираме, нема да славиме“,
рече првиот човек на ССМ Дарко Димовски на прес-конференцијата пред неколку дена, најавувајќи го протестот.
Тој упати повик до работниците, пензионерите, младината да излезат заедно со нив за да им порачаат на сите работодавачи, без разлика дали се од приватниот или од јавниот сектор дека што побрзо и ден побрзо е потребно зголемување на платите.
„Само ако излеземе масовно ќе ја покажеме неопходноста и така ќе го добиеме тоа што го бараме“,
рече претседателот на ССМ.
Протестот утре ќе започне пред седиштето на ССМ во 12:30 часот. Оттаму ќе се маршира до пред Собранието и ќе заврши пред Владата.
Димовски посочи оти во знак на солидарност е потребно линеарно покачување на платите од 2 806 денари за сите, од општи работници до претседателот на државата, додавајќи дека не бараат процентуално зголемување на платите оти таквото покачување, како што рече, ќе значи за едниот работник помалку, а за другиот работник повеќе
„Нашата интенција како Сојуз на синдикати ни е да помогнеме на најниските слоеви на работници со најниски плати во знак на солидарност, во оваа како што реков, ковид-криза, економска, енергетска и но најново време воена криза која ни ја створи оваа инфлација и ни ги подјаде нашите приходи од плата“,
посочи Димовски.
Лидерот на ССМ додаде оти нема да се откажат ниту од барањето за регрес во јавниот сектор затоа што, како што посочи, тоа право го уживаат работниците во приватниот сектор.
„Сметаме дека на оваа дискриминација која е направена во 2008 година дојде денот кога треба да ѝ се стави крај и да го вратиме тоа право во општите колективни договори, како во јавниот, така и во приватниот сектор“,
додаде тој.
Во однос на анализите кои ги прави ССМ на месечно ниво во однос на цените на основните прехранбени продукти и износот на потрошувачката кошничка, Димовски посочи оти анализата од минатиот месец покажала зголемување на инфлацијата за 8,8 отсто на месечно ниво, додавајќи дека секој нареден месец инфлацијата е во постојан раст.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа како го коментира потегот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), кој согласно Законот за мирно решавање на работни спорови реши да го стави штрајкот во мирување, Димовски посочи дека иако не е дел од Сојузот на синдикати, СОНК има безрезервна поддршка од нивна страна во однос на обезбедување правна помош со цел остварување на нивните работнички права.
„Ние ги повикуваме сите просветни работници во делот на консултации на правна помош и покрај тоа што не се членови во ССМ, да се обратат и да видиме по кој основ е прекинат штрајкот и дали има основа за прекин на штрајкот. Ја имаат нашата безрезервна поддршка како ССМ, да им дадеме правен совет и да им кажеме што понатаму за остварување на нивните работнички права“,
заклучи лидерот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, рече дека ќе го поддржи утрешниот протест кој ќе го организираат синдикатите на работници.
„Секогаш треба да се сеќаваме на унапредувањето на работничките права“,
изјави Битиќи, говорејќи околу моделот за покачување на платите.
На прес-конференцијата оцени дека првите 100 дена од дејствувањето на Владата „се веројатно едни со најголеми предизвици и вистината е дека и следните 100 дена, а и тие по нив, ќе треба и ќе се справуваме со истите“.
Тој нагласи дека Владата успеала да остане солидарна и никој да не биде изоставен како и да се задржи стабилноста на економијата.
„Секој кој што работи заслужува достојно да биде платен, но и секој граѓанин заслужува да добие услуга која ќе е навремена, квалитетна и професионална“,
рече Битиќи, повторувајќи дека до соодветни решенија ќе се дојде низ дијалог меѓу засегнатите страни.