Русија засега не ги коментираше обвинувањата
Украинскиот заменик министер за земјоделство Тарас Висоцки ја обвини Русија дека украла стотици илјади тони жито од територијата окупирана од нејзините сили.
Висоцки рече дека стравува дека Русија може да украде поголем дел од 1,5 милиони тони жито во областите кои сега се под нејзина контрола.
Тој, сепак, ги уверува Украинците дека нема да има недостиг од храна.
Русија засега не ги коментираше обвинувањата.
Товарен брод со повеќе од 71 000 тони украинска пченка го напушти романското пристаниште Констанца во четвртокот, прв откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Украинската стока се извезува во пристаништето Констанца, што е гест на романска солидарност, додека руската морнарица продолжува да ја блокира Одеса.
Инаку, Украина е четврти најголем извозник на житни култури во светот, а претходната сезона продаде 44,7 милиони тони жито во странство. Обемот на извозот нагло опадна од почетокот на руската инвазија.
Украинското Министерство за надворешни работи пред два дена остро ги осуди „криминалните дејствија на Руската Федерација во така наречената експропријација на посевите од земјоделците регионот Херсон, јужна Украина“, без да наведе повеќе информации.
„Ограбувањето жито во Херсон, блокирањето на пратките од украинските пристаништа и минирањето на бродските патишта ја загрозуваат светската безбедност на храната. Бараме Русија да престане со нелегалната кражба на жито, да ги деблокира украинските пристаништа, да дозволи слободна пловидба и да дозволи минување на трговските бродови“,
порачаа од украинското МНР.
