Повици за прекин на огнот за православниот Велигден вчера упати папата Франциск. Ватикан се приклучи на повикот кој претходно го испрати генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш
По повиците упатени за прекин на огнот за време на Велигден, украинскиот претседател Володимир Зеленски излезе со тврдење дека Русија одбила примирје за време на празникот, но и додаде дека тој сè уште има надеж за мир.
Тој исто така ја обвини Русија дека планира да фалсификува референдум за независност во окупираните јужни региони Херсон и Запорожје, па ги повика жителите на тие области кои се под руска окупација да не им даваат на руските сили какви било лични информации, меѓу кии и броеви на пасошите.
Инаку, повици за прекин на огнот за православниот Велигден вчера до Русија упати папата Франциск. Ватикан, практично се приклучи на повикот кој претходно го испрати генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
„Светата столица и Светиот Отец се придружуваат на повикот кој на 19 април го упати Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации, во договор со Неговата Светост Свјатослав Шевчук, поглавар на Грчката католичка црква во Украина, за прекин на огнот на Велигден по Јулијанскиот календар, на 24 април“,
повикаа преку соопштение од Ватикан.
Повикот на Гутереш беше за четиридневен хуманитарен прекин на огнот во Украина, кој би започнал денеска, од 21 април.