Повикот следува откако Путин ги откажа плановите за упад во фабриката за челик и наместо тоа нареди да се блокира индустриската зона за да не може „ниту мува да прелета“
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук побара Русија да дозволи итен хуманитарен коридор за евакуација на цивилите кои се засолнети во фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол.
Како што пренесе Би-би-си, Верешчук ова го изјави откако рускиот претседател Владимир Путин ги откажа плановите за упад во челичарницата „Азовстал“.
„Таму има околу 1 000 цивили и 500 ранети војници. Сите тие треба да бидат извлечени од ‘Азовстал’ денеска“,
вели Верешчук.
Командант на морнарицата во фабриката, пак, вчера испратил порака дека повредените војници заробени таму „гнијат“, без лекови и други потребни материјали. Тој повика неговите луѓе да бидат евакуирани во трета земја.
Во наредбата за отповикување на планот за упад во фабриката, Путин нареди наместо тоа да се блокира цената индустриска зона за да не може „ниту мува да прелета“.
„Ова е случај кога треба да размислуваме – односно секогаш мораме да размислуваме, но во овој случај уште повеќе – да ги заштитиме животите и здравјето на нашите војници и офицери. Нема потреба да влегуваме во тие катакомби и да ползиме под земја над тие индустриски капацитети. Блокирајте ја индустриската зона за да не може мува да прелета“,
нагласил Путин.
Тој додал и дека Русија гарантира за животот и достоинствен однос кон украинските војници кои ќе го напуштат „Азовстал“.
Photo: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY