Тренчевска додава дека оваа понуда што ја даде Владата е најдобрата што можела да ја понуди, а потоа се планира нова методологија за усогласување на платите, што ќе биде системско решавање на проблемот
Од вкупно 75 установи, во 29 нема штрајк и вработените се на работните места. Во другите дел од вработените штрајкуваат, но има згрижување на децата. За жал, децата од училишна возраст не се во училиштата, информираше министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во своето гостување во емисијата „Утрински брифинг“.
Зборувајќи за продолжувањето на штрајкот во градинките и училиштата, односно за тоа дека СОНК ја одби понудата за покачување на платата на наставниот кадар од 2 500 денари, Тренчевска истакна дека со тоа Синдикатот покажа дела на ним им се важни само парите.
„Очигледно дека на луѓето од СОНК им се важни само парите. Не зборуваат за унапредување на правата на вработените, за условите за работа или кариерен развој. Ние за ова разговараме и наскоро ќе има закон. Но, на средбите со Синдикатот единствено за што се зборуваше беше усогласувањето на платите со минималната плата“,
истакна Тренчевска.
Тренчевска вели дека правото за штрајк е регулирано со Законот за работни односи и колективните договори за детска заштита и образование. Таа е децидни дека во време на штрајк работодавачот ги исплаќа придонесите, но нето-платата на секој вработен треба да му ја исплати СОНК.
„Член 240 го дава правото на штрајк, а член 241 се однесува на тоа дека синдикатот треба да исплати плата. Ова е штрајк за барање унапредување на работничките права. Со одлуката за штрајк СОНК се повикува на усогласувањето со минималната плата, а законот за минимална плата има рок од шест месеци за усогласување“,
рече Тренчевска.
Тренчевска додава дека оваа понуда што ја даде Владата е најдобрата што можела да ја понуди, а потоа се планира нова методологија за усогласување на платите, која ќе биде системско решавање на проблемот и секоја година ќе се усогласуваат платите со трошоците на живот според податоците на Државниот завод за статистика.
„Во услови на кризи да барате 18 отсто зголемување на платата е предизвикување на инфлацијата и е нереално. Реално е 10 отсто, она што Владата им го понуди на претставниците на СОНК. Кога шест месеци беа затворени градинките, зошто СОНК не се побуни зошто им се дава цела плата на вработените?“,
додаде Тренчевска.
Министерката за крај истакна и дека реториката на Синдикатот и опозицијата е иста, но сепак вели дека не сака да верува оти штрајкот е политички поттикнат.
