САД лобираат за исфрлање на Русија од сите меѓународни финансиски институции со што би се засилил притисокот за нејзина економска, финансиска и стратешка изолација
Министерката за финансии на САД, Џенет Јелен, која ќе ги претставува Соединетите Држави на претстојниот министерски состанок на Групата 20 индустриски најразвиени земји во светот и земјите во развој, ќе бојкотира некои од состаноците на кои ќе присуствува Русија.
Неименуван претставник на американското министерство изјави дека САД и нивните сојузници ќе продолжат со „заедничките напори за зголемување на економскиот притисок врз Русија“.
Јелен, исто така, се очекува да лобира во Меѓународниот монетарен фонд и кај членовите на Светската банка да го засилат финансискиот притисок врз Москва како одмазда за нивната тековна агресија.
Во забелешките минатата недела, Јелен го осуди „неиспровоцираниот напад на Владимир Путин врз Украина“.
„Се додека Путин не ја прекине својата грозоморна војна, администрацијата на Бајден ќе работи со нашите партнери за да ја турка Русија понатаму кон економска, финансиска и стратешка изолација“,
рече таа.
Нејзините изјави се во согласност со оние на претседателот Џо Бајден, кој изјави дека Русија треба да биде исфрлена од Г20 и меѓународните финансиски институции.
Јелен ќе свика панел-дискусија во вторник за да се разговара за меѓународниот одговор на кризата со безбедноста на храната која се влоши од руската инвазија, соопшти американското Министерство за финансии.
Г-20 се состои од 19 земји и Европската унија, вклучувајќи ги Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Обединетото Кралство и САД.