Федоров во моментов се наоѓа во Рим. Изминатиот викенд тој се сретна со папата Франциско во Ватикан кого го поканил да ја посети Украина
Градоначалникот на украинскиот град Мелитопол, Иван Федоров, кој речиси една недела беше држан во заложништво од руските сили, во интервју за новинската агенција „Ројтерс“ и италијанскиот весник „Ле Месаџеро“, раскажа дека имал повеќечасовни „напорни“ испрашувања.
„Тоа беа опасни шест дена бидејќи сфатив дека за Русите мојот и животите на цивилите вредеа нула“,
вели Федоров.
Градоначалникот раскажува дека кај него дошле пет до седум руски војници со кои зборувале околу четири или пет часа.
Според пишувањето на „Ројтерс“, тој тврди дека се соочил со психолошка, но не и со физичка тортура.
„Руските војници претпоставуваа дека ќе бидат добредојдени, но не беа. И затоа беа многу, многу лути“,
вели Федоров во интервјуто.
За него, украинската страна објави дека е киднапиран на 11 март кога руските сили влегоа во Мелитопол, а на 16 март Киев објави дека градоначалникот е ослободен при размена на затвореница.
Федоров во моментов се наоѓа во Рим. Изминатиот викенд тој се сретна со папата Франциско во Ватикан кого го поканил да ја посети Украина. Исто така, градоначалникот изјави дека побарал од папата да посредува кај рускиот претседател Владимир Путин за да се обезбедат хуманитарни коридори од градот Мариупол кој деновиве е мета на руското бомбардирање.