Марија Јанковска е првиот сведок на денешното рочиште за предметот „Рекет“. Таа сведочи по предлог на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13. Рече дека се занимава со оптика, има дуќан, а Боки го познава многу одамна, односно откога ја организирал првата манифестација „13“, пред околу 15 години кога тој побарал спонзорство.
Оттогаш рече дека се дружат и соработуваат со Боки, односно дека често му подарувала очила, а тој ги рекламирал. Таа зборуваше и за заеднички патувања на кои биле и за кои, како што рече, сама си ги плаќала трошоците.
„Сме биле во Франција, Италија, Грција. Јас му правев друштво, а Бојан имаше контакти и средби со менаџерите од модниот свет. Тие брендови знаат да подарат некои работи на познати личности, инфлуенсери. Се случувало и на Боки да му подарат“,
рече Јанковска додавајќи дека меѓу тие брендови биле „Валентино“, „Версаче“…
Следен сведок на Боки денеска во судница беше и сопственик на галерија во Скопје, Алекс Кртов.
Тој рече дека обвинетиот му бил клиент и соработувале.
„Му правевме некое огледало за кај него дома. Го однесов огледалото во домот во Орман, тогаш го уредуваше местото, јас му предложив да ставиме некое уметничко дело кај него. Однесовме осум дела, добри слики беа, ги поставивме кај него во станот. Тој беше ѕвезда тогаш, доаѓаа кај него луѓе. Идејата ми беше потоа да направиме некоја аукција на 1ТВ со која би се изрекламирале“,
рече Кртов додававајќи дека поради настаните што следуваа не успеале да ја реализираат аукцијата или рекламата.
Станувало збор за слики од домашни автори, меѓу кои Личеновски и Мартиновски.
Кртов рече дека имал идеја рекламирањето на уметничките дела да оди додека се емитувала серијата „Катерина Велика“ на 1ТВ.
„Не направивме договор за сликите што ги однесовме кај него туку јас имам реверс дека сум ги дал. Тоа значи дека јас нему сум му дал нешто, за кога ќе дојде време јас да си ги побарам назад. Тоа е пракса на секоја галерија, едвај преживуваме во оваа македонската економија. Се обидуваме на секој начин да се рекламираме. Сум давал дела во хотели, салони…“,
сведочеше Кртов.
Преку ваквите искази одбраната на Боки веројатно алудираше на наводите на обвинителството дека биле запленети бројни парчиња гардероба, очила и други модни додатоци, како и спаки уметнички слики. Од нив, на минатите рочишта се презентираа и фотографии, а обвинителството посочуваше дека преку нив го докажува делото перење пари.
*Поврзани вести:
Тодоровиќ, Панделевски и Ременски нема да сведочат во „Рекет“