Оттаму ги повикуваат странките да поднесат жалба до Апелацискиот суд во Скопје и да ги изнесат своите гледишта и барања за пресудата
Во целост го почитуваме уставно загарантираното право на протест и волјата на секој граѓанин да го искаже своето незадоволство, но јавноста мора да знае дека пресудата за сообраќајката во која загина младата Викторија Николова не е правосилна и таа ќе подлежи на проверка од повисоките судови, реагираат од Основниот кривичен суд во Скопје откако пред него утрово се одржа протест под мотото „Правда за Викторија“ во знак на револт за тригодишната затворска казна за возачот што ја прегази девојката на пешачки премин кај „Сити мол“.
Од судот велат дека кога ја одмеруваат казната се должни да ги земат предвид отежнувачките, но и олеснителните околности кои во овој случај ги имал и возачот Јордан Ѓоргиев.
„Судот при одмерување на казната се водел исклучиво од постоечките законски одредби кои ги регулираат овие кривични дела, сите отежнувачки околности поврзани со загубата на млад живот, зачестеноста на конкретните кривични дела како и репресивното и превентивното влијание на пресудата. Но, воедно судот бил должен да ги земе предвид и олеснителните околности дека се работи за признание на вина од страна на обвинетиот, неговата возраст и околностите под кои е сторено делото, односно колку било пречекорена дозволената брзина на возење и фактот дека обвинетиот во моментот не бил под дејство на алкохол или опијати. Токму заради тоа, конкретната пресуда не може да се споредува со други, веќе правосилни пресуди, каде што се изречени условни казни или казни од над седум години“,
велат од Кривичен.
Оттаму ги повикуваат странките да поднесат жалба до Апелацискиот суд во Скопје и да ги изнесат своите гледишта и барања за пресудата.
„Ниеден загубен човечки живот не може да биде надоместен со каква било судска пресуда, па заради тоа и судот изразува сочувство до семејството. Но, како што веќе наведовме, судот е должен да се води од законските ограничувања за одмерување на казната. Заради тоа, ги повикуваме странките кои се незадоволни од постапката да го искористат своето право на жалба пред второстепениот суд каде ќе ги изјават своите гледишта и барања поврзани со пресудата“,
велат од судот.
Исто така, додаваат и дека судскиот процес се водел транспарентно и отчетно, на рочиштата присуствувале медиуми, а објавата на пресудата била и директно емитувана.
Во однос на жалбите, од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје вчера веќе соопштија дека поднеле жалба бидејќи сметаат дека казната е неадекватна и дека судот повеќе ги ценел олеснителните на сметка на отежнувачките околности.
