Пресудата денеска ја изрече судијката Љубинка Бошевска од Основниот кривичен суд во Скопје откако обвинетиот на претходното рочиште призна вина и рече дека се кае
Јордан Ѓогрѓиев, обвинет за сообраќајката несреќа кај „Сити мол“, во која загина 24-годишната Викторија Николова од Радовиш, доби три години затвор.
Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје за висината на казната.
Судијката Љубинка Башевска при изрекувањето на пресудата изрази длабоко сочувство до членовите на семејството на жртвата.
Покрај затворската казна, тој доби и забрана за управување моторно возило од Б-категорија во период од три години од правосилноста на пресудата.
Како отежнувачки околности судијката ги наведе загубата на човечки живот, зачестеноста на овие кривични дела и непочитувањето на дозволената брзина на движење, додека како олеснувачки ги посочи признанието на вината, изразеното каење, тоа што станува збор за лице на 23-годишна возраст пред кое е речиси целиот животен пат…
Ѓорѓиев беше обвинет за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Пресудата денеска беше изречена во Основниот кривичен суд во Скопје откако обвинетиот на претходното рочиште на 6 април 2022 година призна вина.
„Се чувствувам виновен и многу се каам за стореното дело. Признанието го давам свесно, без никакви уцени и свесен сум за последиците од истото“,
рече Ѓорѓиев минатата недела.
Тогаш неговиот адвокат Душко Јанковиќ во завршните зборови посочи дека предвид треба да се земат психолошката состојба и каењето на Јордан, кој примал лекови уште од денот кога се случила несреќата.
Адвокатите на семејството Николови, пак, побараа судот да има нулта толеранција и да се земат предвид фактичката состојба и очигледните сообраќајни прекршоци.
Сообраќајката се случи на 20 јануари годинава, а во неа беше повредено и едно момче, кое било во друштво на загинатата Викторија Николова.
По спроведена истрага, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопшти дека во моментот на несреќата семафорите биле исклучени, а момчето не застанало на пешачкиот премин и не обратило внимание на пешаците на коловозот, иако било должно да го стори тоа. Брзината со која возело била 67,3 километри на час, што е за 17,3 повеќе од максимално дозволените 50 километри на час.