Украинските власти кажаа и дека руските сили продолжуваат со артилериските напади врз Харков и дека ја продолжуваат опсадата на Мариупол
Аеродромот во украинскиот град Днепар денеска двапати беше погоден од ракети во ново руско гранатирање, соопшти гувернерот на тој регион во Украина. Според него, целосно е уништен тој аеродром во четвриот по големина град во Украина.
„Имаше уште еден напад на аеродромот Днипро. Од тоа не остана ништо. Самиот аеродром и инфраструктурата околу него се уништени. Ракетите продолжуваат да летаат и летаат“,
изјави за „Телеграм“ началникот на градската воена управа, Валентин Резниченко.
Тој рече дека властите се обидуваат добијат прецизни информации за жртви.
Резниченко алрмираше дека нападите врз градот, кој лежи на бреговите на реката Днепар во централноисточна Украина денеска се интензивираа. Индустрискиот град со еден милион жители беше цел на руските сили од инвазијата на Москва, но досега беше поштеден од големо уништување.
Украинската команда објави и дека руските сили продолжуваат со артилериските напади врз градот Харков и дека ја продолжуваат шестнеделната опсада на Мариупол.
Руското Министерство за одбрана пак, денеска соопшти дека руски ракети лансирани од воздух погодиле украински системи за противвоздушна ракетна одбрана С-300 на две локации.
Во руското соопштение се наведува и дека крстосувачките проектили лансирани од морето го уништиле штабот ‚ на една украинска единица во реонот на Днепар.
Ниту една од овие изјави на двете страни не можеше да биде потврдена.