Според Украинската служба за вонредни ситуации во Днипро се погодени фабрика, станбена зграда и локација близу градинка, додека градоначалникот на Луцк објави дека целта бил аеродромот
Украинските ТВ и медиуми известуваат за експлозии во Луцк на северозапад на Украина, како и во Днипро – град во внатрешноста на реката Днепар во централноисточна Украина, градови кои досега не беа цел на руските гранатирања.
Сирените за опасност од воздушен напад се слушнале низ неколку града во Украина неколку часа пред експлозиите.
Според локалните жители во областа, нападот во Луцк бил насочен на аеродром, јавува Би-би-си Украина.
Има информации и дека е погодена фабрика – единственото место каде што може да се поправат одредени мотори на борбени авиони.
Би-би-си Украина вели дека локацијата била на списокот на клучни стратегиски цели на Русија.
И градоначалникот на Луцк потврди дека експлозиите се случиле во близина на градскиот аеродром.
„Сите во засолниште!“,
напиша тој во објава на Фејсбук каде исто така ги повика локалните жители да не објавуваат никакви фотографии, адреси или координати.
Во меѓувреме, украинскиот канал ИЦТВ цитираше извештаи дека фабрика во близина на аеродромот е во пламен. Досега се потврдени две жртви.
Во Днипро, украинските медиуми објавија за три експлозии, при што едната очигледно погодила двокатна фабрика за чевли.
Останатите две експлозии се случиле во близина на градинка и повеќекатна станбена зграда. Се јавува за најмалку еден загинат во областа.
Украинската државна служба за вонредни состојби (СЕС) објави дека едно лице е убиено во областа Новокодатски.
„Околу 6.10 часот … имаше три воздушни напади во градот, при што беа погодени градинка и станбена зграда“,
соопшти СЕС.
Службата објави фотографии и видео од ситуацијата во Днипро по нападите.
Наслідки авіаудару у Дніпрі — відео від ДСНС pic.twitter.com/ECwKqtDkMv
— hromadske (@HromadskeUA) March 11, 2022
Локалните медиуми јавуваат за експлозии во градот Ивано-Франковск, на југозапад на Украина, што ги потврди и руското Министерство за одбрана.
Московските одбранбени претставници изјавија дека нивните „напади со голема прецизност и долг дострел“ погодиле два воени аеродроми во градовите на западот на Украина.