Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не попушта и најавува дека границите на Турција ќе останат отворени за илјадниците мигранти и бегалци што се упатуваат кон Европа, како притисок кон западните земји да ѝ дадат поддршка на Анкара за конфликтот во Сирија.
Како што јави Франс прес, Ердоган изјавил дека добил многу повици да ги затвори границите, но сега, како што вели, е време и ЕУ да преземе дел од товарот.
„Им кажав дека е готово. Завршено е. Вратите се отворени. Сега, ќе мора да го преземете својот дел од товарот“,
изјави Ердоган.
Турскиот претседател сепак е оптимист дека неделава на средба со рускиот лидер Владимир Путин ќе најдат компромис за прекин на огнот во Сирија.
Напливот на мигранти и бегалци дојде откако Турција реши повеќе да не ги запира оние што по копнен пат и по море заминуваа кон Европа, поради нападот врз нејзините сили во Идлиб каде што загинаа повеќе од 30 турски војници
Досега повеќе од 13 000 мигранти и бегалци од Сирија, Авганистан и Ирак стигнаа до турската граница со Грција, каде што полицијата ги пречека со солзавец и шок-бомби.
И македонските власти денеска ја засилија безбедноста на јужната граница со зголемен број на припадници на полицијата и на Армијата. Мерките за засилување на безбедносните капацитети ги одреди Комитетот за управување со кризи, кој денеска одржа состанок за актуелната состојба. Од Комитетот укажуваат дека македонските власти внимателно ја следат ситуацијата и се во постојана комуникација со партнерите од НАТО и од ЕУ.