„Турција реши повеќе да не ги запира сириските бегалци кои по копнен пат и по море заминуваат кон Европа“, изјави висок турски претставник за Ројтерс во очекување на Анкара на нов бегалски бран од Идлиб каде има повеќе од милион раселелни лица.
Турската полиција, крајбрежната стража и граничната безбедност добиле наредба да отстапат пред налетот на мигрантите, додава турскиот владин претставник.
Заканата од Турција доаѓа по вчерашниот напад врз нејзините сили во Идлиб, Сирија при што загинаа повеќе од 30 турски војници. На барање на Турција денеска ќе се одржи и вонреден состанок на Северноатлантскиот совет.
На седницата во седиштето на НАТО во Брисел, на која ќе присуствуваат амбасадори од 29. земји членки, единствената точка на дневен ред е турското барање засновано на членот 4 од Вашингтонскиот договор, според кој, секоја членка може да побара помош од Алијансата доколку смета дека е нарушен нејзиниот територијален интегритет, политичка независност или безбедност.
Нема прецизни информации кој го извршил нападот врз турските сили. Според некои извештаи, војниците биле нападнати од сириската армија лојална на Башар ал Асад, поради фактот што припадниците на турската армија биле измешани со милитанти, кои Дамаск и Русија ги сметаат за терористи. Официјална Москва соопшти дека турските војници биле убиени токму затоа што биле во близина на „терористичките единици“.
Според руската новинска агенција РИА, припадници на терористичката група „Тахрир ал-Шам“ се обиделе да ја нападнат сириската армија во областа Бехун. Сириските сили одговориле со воздушен напад, а од гранатирањето биле погодени и турски трупи, кои, како што се тврди, биле во формацијата на терористичките групи.
Покрај тоа, според турската страна, ниту една единица на турската армија не требало да се наоѓа во областа, пренесува РИА врз основа на информации од Министерството за одбрана.
Министерството, исто така, соопшти дека руските воени авиони не извршувале напади во областа каде што биле турските трупи и дека Русија сторила сè за да ја спречи сириската војска да изврши напад со цел да дозволи трупите да бидат евакуирани.
Тензиите меѓу Турција и Русија се зголемуваат последниве денови. Москва со години ги поддржува силите на Асад, додека Анкара им помага на бунтовниците на северот на земјата.
Во меѓувреме, Русија испрати два воени брода опремени со крстосувачки ракети до сирискиот брег во Средоземното Море.